Дождот ќе ја интензивира есенската сеидба во Делчевско

118
Дождовите го вратија оптимизмот кај земјоделците од Пијанечкиот регион, чии ниви се уште стојат неизорани поради големата суша. По долгата пауза делчевските ниви, пожолтени и изгорени од сушата, конечно вчера дочекаа дожд. Врнежите, според делчевскиот агроном Ѓорѓи Јовановски донесоа влага, која за почеток е доволна да се продолжат подготовките на ораниците за есенската сеидба.
-Претходните временски услови не се многу погодни за земјоделците, иако се малку подобрени со вчерашниот дожд, кој сепак е добредојден за нивите и за да можат да се извршат земјоделските работи. Досега немаше услови за извршување на работите со механизација, па така препорачувам тоа да се стори што поскоро за да се искористи подобрениот воден режим на почвата, вели Јовановски.
Сепак, како што подвлече Јовановски, дожд ќе биде потребен и во наредниот период, бидејки краткотрајните врнежи не се доволни да се заврши сеидбата пред доаѓањето на зимата. Додава дека ова е период да се дозавршат работите околу собирање на реколтата на оние земјоделски површини, каде тоа досега не се случило.
-Иако тоа ретко се случува да не се собере реколтата, сепак на поединечни места поради сушата има такви случаи. Затоа е идеално тоа да се случи сега, а потоа и да се исчистат нивите од остатоците, за да може да се изврши орање на нивите, а потоа и да се заврши есенската сеидба, додава Јовановски.
Агрономите се децидни дека ако повторно не заврне дожд, земјоделците ќе останат без посеани ниви и годинава како што тоа беше случај минатата година, кога сеидбата изнесуваше едвај 35 проценти од вкупната обработлива земјоделска површина во Пијанец.