Доделени наградите 18 мај – Меѓународен ден на музеите

47

Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите го одбележа 18 мај – Меѓународниот ден на музеите. На денешното советување кое што беше организирано од невладината организација на музеи и музејски професионалци од целиот свет, кои се грижат за културното и за природното наследство, беа доделени наградите во име на денешниот ден.

Поради ситуацијата со пандемијата со Ковид-19, на овогодинешниот настан беа доделени наградите и за 2019-та и за 2020-та година. Па така, наградите 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за 2019 година им беа доделени на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија за проектот Постојана изложбена поставка – Награда за Музеј на годината. Наградата за Музејски проект на годината беше доделена на НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија за Меѓународен проект „100 години Требениште“. Музејски работник на годината за 2019-та година е Гоце Божурски од НУ Музеј Куманово, а наградата за Надворешен музејски соработник беше доделена на Лидија Мешковска, уредник на редакција за култура и уметност во МТВ за емисијата „Витраж“.

Наградата 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за 2020 година за Музеј на годината беше доделена на НУ Национална галерија на Република Северна Македонија за галериска дејност во време на Ковид-19 пандемијата. Посебно признание за Музеј на годината доби и НУ Музеј Куманово за Реконструкција на Спомен-куќата на Христијан Тодоровски Карпош – Куманово, а наградата за Музејски проект на годината беше доделена на ЈУ Музеј на град Скопје за проектот „70 години Музеј на град Скопје“. Во 2020-та година, пофалница за научно-истражувачка музејска дејност за Музејски проект на годината доби ЈУ Музеј на град Скопје за проектот „Скопје виа Солун“, а наградата за Музејски работник на годината замина кај Славица Крстиќ од НУ Музеј Куманово.

Во делот од наградите за надворешни соработници зa 2020-та година, пофалници добија Ивана Тасев-надворешен соработник во Музеј на современата уметност, Ива Лабан – надворешен соработник од Археолошки музеј на Република Северна Македонија и Гордана  Младеновска – надворешен соработник во Музеј на Република Северна Македонија.

Наградите беа доделени врз основа на извештајот од комисијата на Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) во состав: д-р Ангелина Поповска – претседател и членовите д-р Кирил Пенушлиски,  Гордана Велков, м-р Станимир Неделковски  и Никола Мартиновски.

Во рамките на настанот се одржаа и презентации на активностите на музеите насловени: „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузивност“ и „Иднината на музеите – закрепнување и реинтерпретација“.

Повеќе од педесет години, музеите низ целиот свет го одбележуваат 18 Мај како Меѓународен ден на музеите, а МНК ИКОМ од 2009 година објавува конкурс за награди по повод одбележувањето на овој ден.