Доделени наградите за „најбизарни“ истражувања – пица против рак, уред кој менува пелени

112

Во театарот „Сандерс“ на универзитетот Харвард беше одржана 29-тата церемонија на доделување на Иг Нобеловата награда која претставува сатирична награда за најапсурдни достигнувања во различни области на науката. Во текот на настанот, кој се одржа во изминатиов четврток, добитниците на вистинските нобелови награди им ги вратија наградите на своите колеги во десет категории, пренесоа странските медиуми.

Според традицијата, добитниците на Иг Нобеловата награда, покрај симболичните награди, добија по 10 зимбабвеански долари, кои се повлечени од употреба поради нивното постојано обезвреднување.

„Иг Нобеловата“ награда, која се доделува за „најбизарни“ научни истражувања, оваа година ја доби, меѓу останатите, и меѓународниот тим биолози за магнетизирање и дополнителна споредба на мртви и живи бубашваби. Наградата е доделена за трудот „Биомагнетни карактеристики на живите американски бубашваби“, во кој е докажано дека мртва бубашваба се демагнетизира десет пати подолго од жива.

Холандски, турски и германски научници се добитници на наградата во областа на економијата за тестирање на присуството на микроби на банкноти од различни земји. Нивното истражување покажува дека највалканите пари се романските, а составот на банкнотите е најповолен за размножување бактерии.

Иранскиот стручњак Иман Фарахбахаш ја доби наградата од областа на инженерството, и тоа за уред кој му менува пелени на новороденче.

Анатомија на поштарите и количество плунка кај децата

Иг Нобеловата награда за труд во областа на анатомијата ја добија француски истражувачи, кои забележале температура во скротумот, како кај облечени, така и кај мажи без облека. Научниците ја мереле температурата на тие делови на телото и кај поштари и кај возачи на автобус.

Јапонските хемичари прв пат го измериле количеството плунка која во текот на еден ден ја произведуваат жлездите на петгодишно дете. Истражувањата покажале дека тоа количество во просек е околу 500 милилитри.

Лековити својства на италијанската пица

Во областа на медицината се наградени стручњаци кои се занимавале со собирање докази во корист на тврдењето дека само вистинска италијанска пица може да заштити од рак и инфаркт. Италијанецот Силвано Галус, пионер во тие истражувања, објавил три научни студии за своето омилено национално јадење.

За најдобра технологија од областа на медицинското образование е прогласена амерканската сигнална техника за дресирање кучиња, која помага во обука на хирурзи. Се покажало дека програмата за создавање условен рефлекс со помош на звучни сигнали може да биде корисна не само за животните туку и за луѓето.