Кинотека на Македонија повторно со атрактивни остварувања во рамките на својата февруарска програма. Публиката ќе има можност да ги види филмовите со кои им се оддава почит на неодамна починатите, режисерот Душан Јовановиќ и актерот Мустафа Надаревиќ, остварувањата на планетарно познатите Френсис Форд Копола, Хауард Хјуз, Фриц Ланг, како и најдоброто европско остварување за 2020-та “Уште една тура“ на Томас Винтерберг… “Животот функционира потешко, интересот е драстично намален, но ништо не може да го замени социјалниот аспект на заедничко гледање на филмови“, вели за весникот ВЕЧЕР Владимир Ангелов, директор на Кинотеката

 

Сеќавања на старите добри мајстори на филмскиот занает од домашната и светската кинематографија, поновата домашна и странска продукција, новите остварувања за помладите гледачи, но и потсетување на некои по малку подзаборавени филмски вредности…Кинотека на Македонија повторно најавува атрактивни остварувања чии проекции и покрај пандемијата ќе ги реализира секојдневно во текот на февруари. Така публиката ќе има можност да види остварувања со кои им се оддава почит на неодамна починатите, режисерот, сценарист и драмски писател Душан Јовановиќ и актерот Мустафа Надаревиќ, филмовите на планетарно познатите Френсис Форд Копола, Хауард Хјуз, Фриц Ланг, Ото Преминџер, како и најдоброто европско остварување за 2020-та според Европската филмска академија, “Уште една тура“ на Томас Винтерберг…

Според директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, сите ја живееме психозата предизвикана од пандемијата, но не треба да се престане со работа и барање на алтернативни начини на функционирање.

“Животот функционира потешко, интересот е драстично намален, но не смееме да се откажеме. Лично сметам дека ништо не може да го замени социјалниот аспект на заедничко гледање на филмови во киносалите и потоа заедничко анализирање на изгледаното. Во Кинотеката во некое поинакво време и консталација, сигурен сум дека киносалата би била мала за програмата што ја нудиме. Со две проекции на филмови на дневна основа за една особено атрактивна програма како што беше “Декалог“ на (култниот полски режисер) Кјешловски, имавме максимум 25 посетители, со што дури и оној максимален дозволен капацитет од 30 проценти не го исполнивме, и тоа од едноставни причини што луѓето се плашат. Режисерот Манчевски во едно интервју кажа ‘животот забави, но не застана’. Затоа ќе продолжиме со програмата, а се подготвуваме и ќе отвориме катче каде што ќе може да се седне и да се разговара за филмот“, вели за весникот ВЕЧЕР Ангелов.

Тој исто така посочува дека летово повторно ќе биде отворено летно кино, каде се очекува поголема публика. “Лани имавме одлична посетеност на летното кино.

Инаку, имаме по два до три филма на дневна основа, така функционираат киносалите во светот и се обидувам тој стандард да го наметнам. Публиката, пак, е од сите возрасти. Секогаш одиме со поинтелектуални содржини, поуметнички, а некогаш имаме покомерцијални филмови кои имаат уметничка вредност. Лани го донесовме Џокер, но не сакаме да бидеме конкуренција на киносалите кои не се субвенционирани од државата“, додава Ангелов.

Како и да е, понудата на Кинотеката за февруари е повеќе од атрактивна. Публиката ќе може да го види хорор-трилерот “Деменција 13“ на Френсис Форд Копола, планетарно познат по култниот филмски серијал “Кум“… На репертоарот се и класичното вестерн-остварување “Одметникот“ на холивудскиот „чудак“ Хауард Хјуз; па “Пресметка кај О.К. коралот“ на Џон Стерџис;  “Улица на гревот“ на големиот мајстор на визуелниот израз Фриц Ланг; почетоците на „новиот Холивуд“ со “Човекот со златната рака“ на Ото Преминџер; неколку остварувања од некогаш популарниот жанр филм-ноар; а на програмата е и “Глен или Гленда“ на Ед Вуд, како и “Интервју“ на Федерико Фелини од неговата зрела фаза во творештвото. Февруарската програма уште еднаш потсетува и на најдоброто европско остварување за 2020-та според Европската филмска академија,“Уште една тура“ на Томас Винтерберг. На програмата се и македонските остварувања “Стела“ на Стојан Вујичиќ (првиот македонски долгометражен игран филм од детскиот жанр) и “Дедо и внук“ на Илија Пиперковски…

Што го поврзува режисерот Јовановиќ со “Азра“ и “Леб и сол“?

Со оглед дека во февруарската програма му се оддава почит на режисерот Душан Јовановиќ и актерот Мустафа Надаревиќ, интересни се некои помалку познати детали од нивниот живот и творештвото кои ги поврзуваат со Македонија.

“Јовановиќ имаше еден од позначајните опуси на театарските сцени на просторот на некогашна Југославија во втората половина на минатиот век. Неговиот драмски текст ‘Ослободувањето на Скопје’, пишуван како горчлив и суров ‘амаркорд’ на неговото детство поминато во Скопје за време на Втората светска војна, беше амблематичен наслов на тогаш актуелниот и популарен југословенски ‘политички театар’. Претставата на театарот во Суботица, во режија на Љубиша Ристиќ, и скопската на Драмски театар на Слободан Унковски во 1970-те беа политичко-естетски настани par excellence. На почетокот на 1980-те Ристиќ го основа КГПТ како сејугословенски проект, и со новото видување на „Ослободувањето на Скопје“ како заштитен знак на театарот во 1982 заминаа на турнеја по театрите во САД. Трошоците за турнејата ги плати Бранимир Џони Штулиќ, фронтменот на „Азра“ од првите поголеми заработени пари; музиката на претставата беше на „Леб и сол“, кои ја изведуваа во живо на таа турнеја… Во 2016-та, текстот на Јовановиќ беше конечно филмуван во македонска продукција, од Раде Шербеџија  и син му Данило. Второто сеќавање е за исклучителната улога на Надаревиќ во “Илузија“ на Светозар Ристовски. Надаревиќ беше еден од проминентните актери на ексјугословенскиот филм во 1970-те и 1980-те, и штета што го немало повеќе во македонски остварувања“, посочуваат од Кинотека.

(Д.Т.)