Додека чекаат да бидат извезени, јагнињата пораснаа

Проблемот со откупот на јагнето во Дебар е надминат. Се бара решение и за откупот на јагнињата од другите региони во државата кои веќе пораснаа. Ресорниот министер Трајан Димковски најави дека вишокот јагниња ќе ги откупува државата, а на сточарите ќе им исплаќа дополнителни субвенции. 

158

Откако пандемијата со коронавирусот ги затвори традиционалните пазари каде се извезуваше македонското јагне, како алтернатива на италијанскиот, хрватскиот и грчкиот пазар се наметнаа пазарите во Иран и Јордан каде може да се пласира македонското јагне. Но, засега додека не се најде друго решение јагнето ќе се пласира и на домашниот пазар.

Ресорниот министер Трајан Димковски најави дека вишокот јагниња ќе ги откупува државата, а на сточарите ќе им исплаќа дополнителни субвенции.

-Годинава не се очекува да се достигне бројката од минатите години при извозот, бидејќи една од стратешките извозни точки како Италија, Грција се затворени. Планирани се мерки со одгледувачите на овци и очекуваме од страна на Владата и да се официјализира, а тоа е интервентна помош на сточарите за оставање на женско јагне со што би се помогнало во оваа ситуација, изјави министерот Димковски.

Тој додаде дека во договор со одгледувачите на овци би оделе со откуп и субвенционирање на реалната цена.

Проблемот со откупот на јагнињата од Дебарскиот регион е надминат, информираше градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб. Притоа објасни дека фирмите кои вршат откуп треба да се јават во Оперативниот штаб во Дебар, да го кажат името и презимето на возачот и регистарските таблички на возилото.

Според Здружението на сточарите „Даши”, во кое членуваат сточари од Дебар и Центар Жупа, непродадени се над 8.000 јагниња. Во изминатите години откуп вршеа две фирми, една од Гостивар и една од Скопје, а дебарските јагниња главно завршуваа на италијанскиот пазар пред велигденските празници.

Велешките овчари пак апелираат до ресорното министерство што поскоро да се најде решение за пласман, бидејќи јагнињата веќе пораснаа.

-Доколку ситуацијата остане непроменета, а имаме околу 15.000 јагниња во цел Велешки регион за кои веќе е краен рок за извоз, не успееме да ги продадеме ќе се соочиме со огромни загуби од кои ќе бидеме приморани да се откажеме од оваа гранка, велат тие.

Тие додаваат дека се свесни за ситуацијата со коронавирусот и за отежнатиот извоз, но велат дека соседните држави веќе нашле решение и откупот го привршуваат со солидна цена по килограм жива мера. Во Албанија јагнето се откупува по 4 евра, а во Бугарија по 7 лева за килограм.

(А.С.)