Македонија треба да создаде законска регулатива за контрола на имињата на граѓанските здруженија. Ова станува јасно по серијата жестоки реакции, меѓу кои и на Еврејската заедница во државава за регистрацијата на бугарски здруженија кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија („Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“). Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, формирањето вакви клубови е провокација со единствената цел – асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација. Од власта, пак, се согласуваат дека се потребни законски измени за спречување вакви појави во иднина.

Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации, во кој недвосмислено правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности, укажуваат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

– За жал, како држава, од неодамнешното именување на клубот во Битола според историски докажан соработник на нацистичкиот режим, не извлековме поука. Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации во кој на недвосмислен начин правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности – соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски, вчера, во врска со новоформираните бугарски здруженија во земјава.

Од Кабинетот посочуваат дека за таа цел е потребно да се определи надлежна институција што ќе дава задолжителна согласност во постапката за регистрација, со претходна изработка на регистар на историски личности кои недвосмислено биле асоцирани со расистички идеологии, а не како досега, преку согласност на нивни роднина или наследник да може да се регистрира здружение со име на личност што неспорно ги повредува чувствата на дел од македонските граѓани.

– Во постојните прописи и покрај правните празнини и недоречености, постојат правни можности за реакција на институциите и тие треба да дејствуваат во таа насока без да си ја префрлаат одговорноста – наведува Кабинетот.

Спорните имиња и називи на граѓански организации можно е да се спречат со нов закон за здруженија и фондации, оцени вчера Бојан Маричиќ, поранешен министер за правда, кој сега е вицепремиер за европски прашања. Сегашната состојбата, според него, е последица на тоа што имаме еден од најлибералните закони во Европа за регистрација на здруженија.

– Навистина неселективно се регистрираа здруженија, и тоа во праксата покажува извесни проблеми. Имаше еден случај, има и други такви случаи. Иако ние сме се одлучиле за најлиберална регистрација затоа што во минатото сме имале и случаи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур каде што имаме изгубено како држава. Факт е дека има потреба од креирање таков регистар, бидејќи, нели, ограничувањето на слободата на здружувања е јасно дефинирано. Кај нас, слободата на здружување е гарантирана со Уставот – истакна Маричиќ.

Поранешниот министер за правда има информации дека се подготвува нов закон.

– Министерот Тупанчевски е најрелевантен да го каже тоа, но според моите информации, се подготвува нов закон за здруженија и фондации врз основа на кој ќе треба да се направи и таков регистар којшто генерички ќе објасни каков тип имиња не би биле дозволени на здруженијата, каков тип на називите или, пак, поединечно точно ќе ги наброи кои називи не се дозволени. Мислам дека тоа е потребно, секако. Тоа не смее да значи и не може да значи ускратување на чие било право. Исто така, треба да се има предвид и јавниот интерес и она што може да ја вознемири јавноста или би одело против принципите на демократијата, слободата и демократскиот систем кој е воведен кај нас – посочи Маричиќ.

Во април годинава, во Битола беше отворен Културниот центар „Ванчо Михајлов“. Овој месец, пак, повеќе институции во земјава реагираа за регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија пред неколку дена соопштија дека со регистрацијата на ова здружение во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза. На социјалните мрежи, како што објавија некои медиуми, веќе се споделува информација дека и во Богданци се подготвува ново бугарско здружение кое, според најавите, треба да го носи името на цар Фердинанд, татко на царот Борис Трети.

Коментирајќи ги најавите за отворање нов бугарски клуб во земјава, Мицкоски  истакна дека единствената цел на ваквите здруженија е асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација, а ваквите провокации ќе продолжат, особено сега, кога има избори во Бугарија.

– Провокациите ќе продолжат додека овие луѓе се таму. Имајќи предвид дека во Бугарија сега се избори, ќе гледаме уште многу такви провокации, а нашите ќе молчат и ќе викаат „во Бугарија се избори и затоа е така“  изјави денеска Мицкоски.

(И.С.)