Пекинг изминатите две недели беше центар на спортскиот свет поради Зимските олимписки игри на кои нашите тројца олимпијци имаа само епизодна улога, но и центар поради бројни скандали и проблеми кои се случија во Кина.

Скијачот Дердан Дехари поради повреда не настапи, додека Ана Цветановска (95-та од 98 натпреварувачи) и Ставре Јада (86-ти од 90 натпреварувачи во спринт, 56-ти од 59 натпреватувачи во крос-кантри) беа меѓу последнопласираните во своите дисциплини.

И додека нашите олимпијци „војна“ водеа со Скијачката федрација, која му даде отказ на тренерот на Дехари, Антонио Ристевски, за време на Игрите, па имаше бурни реакции, имаше олимпијци кои добро ги наплатија сработените тренинзи и подготовки за Олимпијадата. Секако, тука имаше и работи кои засекогаш ќе останат запаметени во очите на јавноста.

Дури и во најавата за Игрите можеше да се претпостави дека неспортските работи ќе бидат главни наслови во медиумите.

Медиумите ширум светот со денови ја напаѓаа Кина поради случајот Шуаи Пенг. Се веруваше, а се верува и сега, дека кинеската тенисерка е во домашен притвор против своја волја, бидејќи обвинила висок кинески државник за силување. Иако самата Пенг го негираше тоа, никој не верува дека тоа го направила без принуда.

Се чинеше дека во моментот кога почнаа борбите на снегот и мразот, сето тоа ќе остане во сенка, но тогаш само почнаа проблемите.

Премногу опасните скијачки патеки и условите поради кои беа откажани тренинзите беа само дел од проблемот. Неколку работи особено ја шокираа самата конкуренција.

Руското чудо од дете и допинг скандалот кој ја уништи најубавата приказна на Игрите

Камила Валиева е во исто време најубавата и најгрдата приказна на Игрите во Пекинг. Русинката која има само 15 години го воодушеви светот кога изведе нешто ново во екипното натпреварување со кое нејзината земја освои злато апсолутно заслужено. Таа стана првата лизгачка во историјата која изведе целосен четирискок на олимписко натпреварување.

Валиева направи два четирикратни скока, со третиот се обиде, но падна.

Настапот на Валиева во Равел „Болеро“ беше награден со 178,92 поени, што е околу шест поени помалку од нејзиниот светски рекорд.

Сепак, два дена по приказните за спектакуларниот потег, следеше веста за скандалот. Тогаш започна нејзиниот пекол во Пекинг.

Русинката користела забранет лек за срце, откако во нејзиниот примерок бил пронајден „триметазидин“ по екипно натпреварување во уметничко лизгање. Станува збор за забранет лек, кој се користи за ангина пекторис, односно болка во градите предизвикана од коронарна артериска болест. На крајот се воспостави дека по грешка го земала лекот на својот дедо, кој се лекува од оваа болест, а воедно и беа пронајдени во примерокот уште две забранети супстанци, хипоксен и Л-карнитин, од кои во крвта има повеќе кислород, па се зголемува издржливоста на спортистот, поточно поминува повеќе време додека не се појави заморот. На крај и беше дозволено да се натпреварува и во следното натпреварување, но беше нагласено дека церемонија нема да има се додека не се расчисти целиот случај ако дојде до нов медал. Сепак, притисокот беше преголем…

Руското чудо од дете остана без медал по второто натпреварување. Иако беше прва по слободната програма со солидна предност, 15-годишната девојка од Казањ тотално потфрли во завршниот дел од натпреварувањето и заврши на четвртото место. Таа дури четири пати падна во финалето и практично се опрости од медал иако имаше значителна предност по првиот дел. По завршувањето на настапот повторно присутни беа солзите на нејзиното лице, што само по себе говори за тежината која ја носи со себе изминатите денови.

Лошо сместување, уште полоша храна

Многумина го критикуваа лошото сместување во Пекинг, а храната се покажа уште полоша.

Руската биатлонка Валерија Васнецова се пожали на Инстаграм на лошата храна која им се сервира на спортистите на Зимските олимписки игри во Пекинг. Таа објави фотографија со послужено јадење, на кое се гледаат макарони, сос, неколку компири, ребра, како и нешто што потсетува на варено пилешко.

Русинката истакнува дека ова е менито кое го добила за појадок, ручек и вечера и дека го добивала пет дена по ред.

  • Стомакот ме боли, многу сум бледа и имам големи темни кругови. Готова сум. Плачам секој ден, многу сум уморна, напиша Васнецова.

Организаторите веднаш го промениле односот кон неа и таа почнала да добива оброци кои се значајно поколичински.

Оваа нејзина објава предизвика бројни реакции, а поради тоа доби дури и бизарни закани.

Кога ја видел фотографијата од храната во Пекинг, реагирал и Александар Тихонов (75), четирикратен олимписки шампион кој ја критикувал својата сонаридничка.

  • Би го отсекол јазикот на Васнецова за такви поплаки. На Олимпијадата во 1980 година живеевме во САД како во затвор и никој не се жалеше. Тоа внесува немир во нејзините жалби. Тие проблеми треба да ги решавате во тимот, а не да се жалите на интернет поради тоа, расположението во тимот е на најниско ниво, изјави Тихонов.

Кога станува збор за сместувањето, најголем дел од замерките беа на условите откако спортистите завршија во изолација поради коронавирусот.

Се наведува дека собите биле претесни за вежбање и тренирање. Секојдневно се правеле тестови на спортисти, а оние кои биле заразени се одвојувале од тимот. Некои тешко прифатија тоа па плачеа.

Скандал на скијање, работник излезе на патеката среде трка

Ева Вукадинова, бугарска скијачка,  на своја кожа почувствува колку скапо може да ја чини глупоста на организаторите. За нејзина несреќа, тоа го сфати на Зимските олимписки игри во Пекинг во трката за која се подготвуваше претходните четири години.

Сонот на бугарската скијачка целосно згасна поради работник кој излезе на патеката и целосно го загуби ритамот, но се оддалечи од местото каде што требаше да помине во алпската скијачка.

Таа остана без концентрација бидејќи тој беше опасно блиску во моментот кога таа се спушташе со голема брзина, па на крајот не ја ни заврши трката. Таа застана на средината на патеката и ги крена рацете со неверување за она што го доживеа. Таа доби шанса да го повтори возењето, но не беше исто затоа што целиот фокус и беше ставен на првиот слалом.

  • Се разбира, јас доаѓам од мала скијачка нација во споредба со другите кои се натпреваруваат. Но, ќе кажам што мислам. Иако добив реприза на трката, сите знаеме дека не е исто. Се разбира, можеби не сум врвна скијачка, ниту се борам за подиумот, но исто така работев напорно за да стигнам до овде.

Апокалиптични сцени

Иако не е скандал во однос на регуларноста или условите, можеби најголемо внимание привлекоа сликите од ски-скокалницата во Пекинг во слободен стил, кои се чини дека се преземени од филм за апокалипса која ја погоди планетата.

Бизарни фотографии од скокалницата лоциран на западната страна од Пекинг веднаш до нуклеарната централа ја обиколија целата планета.

На страна од скокалницата се наоѓаше фабрика која е во државна сопственост, а истата беше за производството на челик. Кина ја затвори оваа фабрика во пресрет на Олимписките игри во 2008 година. Исто така имаше и други згради и машини кои се наоѓаа на тревници, езерца и други отворени површини.

  • Ова е виртуелен свет, како видео игра, изјави Ник Гепер, уште еден од натпреварувачите кои изведуваат нереални акробации. Сепак, огромните оџаци беа во преден план пред конкурентите.

Покрај сето ова, забележани се и голем број падови за време на скијачките натпревари, од кои голем дел завршија со повреди, а натпреварувачите се пожалија на опасните патеки и лошите услови поради кои се случија овие работи.

Никој како Норвешка, 29 земји освоија медал

Норвешките спортисти поставија рекорд по бројот на златни медали на овогодинешните Зимски олимписки игри. Со 37 медали, од кои 16 златни, Норвешка е убедливо најуспешната нација на Зимските олимписки игри во Пекинг.

Норвешките спортисти поставија рекорд по бројот на златни медали, а на последниот ден од натпреварувањето во Пекинг, нордиската тркачка Тереза ​​Јохауг го освои 16-тиот златен медал.

Претходниот рекорд од 14 златни медали на Олимписките игри го имаа Норвешка и Германија од 2018 година во Пјонгчанг, а Канада од Ванкувер во 2010 година.

На Игрите во Пекинг 29 земји освоија медали, што досега не се случило.