На веб-страницата на Министерството може да е види само колку поединците и локалните установи по разни дејности добија од колачот на Министерството, но не и кои проекти на националните установи се поддржани… Неколку од нив за весникот ВЕЧЕР, пак, ни одговорија дека ќе ги објават резултатите, некои дека  чекаат решение или потпишување на договор со Министерството, или пак, да им биде официјално кажано кој ќе ги објави резултатите, дали установите или Министерството?!

Поминаа повеќе од десет дена откако Министерството за култура на својата веб- страница ги објави резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2020, но вчера до затварањето на весникот сè уште не беа објавени резултатите кои се однесуваат на националните установи!? Оттаму за весникот ВЕЧЕР, пак, деновиве ни одговараа дека ќе ги објават резултатите, но дека или чекаат решение, или потпишување на договорот со Министерството, или пак, да им биде и официјално кажано кој ќе ги објави резултатите, установите или Министерството?!

Имено, на веб-страницата на Министерството може да е види само колку поединците и локалните установи по разни дејности добија од колачот на Министерството, но не и кои проекти на националните установи се подржани…

И додека јавноста и заинтересираните се прашуваа што се случува и од каде е оваа нова пракса, со оглед дека во изминатите години целосната листа беше објавувана на сајтот на Министерството за култура, надлежните си ја префрлаа топката од еден на друг. Од Министерството за култура посочија дека тоа е законска обврската на националните установи, од националните установи пак, дека се чека на Министерството?!

„Согласно член 65, став 4, од Законот за култура, Министерството за култура и годинава на транспарентен начин ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година по дејности и области. Согласно Законот, Министерството за култура  нема обврска да ги објави проектите и висината на средства за националните установи. Согласно член 70 б, од истиот закон, Националните установи имаат обврска јавно и транспарентно да ги објават податоците за одобрените проект кои ќе ги реализираат во тековната година  на својата веб-страница или во други средства за јавно информирање. Националните установи за реализација на оваа обврска не се врзани со одреден рок. Поголем дел од решенијата за националните установи беа готови и беа доставени до 31 декември 2019, а нешто помал број на почетокот на јануари“,одговорија за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура, од каде што додаваат дека во одлучувањето кои проекти се приоритетни биле вклучени и директорите на националните установи.

За вчера потврда дека уште истиот ден ќе ги обелоденат резултатите од конкурсот за финансирање на проекти на својата веб-страницата добивме од Националната опера и балет и Битолскиот театар.

„Во среда го потпишавме договорот и веќе се спрема информацијата денес да биде пуштена до медиумите, а исто така ќе биде објавена и на нашата веб-страница со тоа колку средства се одобрени според проектите“, истакна за весникот ВЕЧЕР, Васо Ристов, директор на Националната опера и балет. Од вчера на веб-страницата требаше да бидат поставени и резултатите од конкурсот кои се однесуваат на Битолскиот театар.

„Добивме решение од Министерството за култура кои проекти ни се одобрени и врз основа на решението за одобрени и одбиени проекти. Од Министерството за култура ни доставуваат договор и еве веќе денес планираме да ги објавиме резултатите“, истакна директорот Иван Јерчиќ. Од Археолошкиот музеј исто така истакнаа дека одобрените проекти деновиве ќе бидат објавени на нивната веб-страница. Од Македонскиот народен театар пак, ни кажаа дека се уште чекаат решение?!

Инаку, на Повикот за националните установи од областа на културата, објавен во јуни 2019 година, во законски утврдениот рок, посочуваат од ресорното Министерство за култура беа поднесени повеќе од 1.000 пријави за проекти кои се содржани во нацрт-годишните програми за работа на националните установи. (Д.Т.)