Додека едни пријавуваат мостри на вина и ракии – други фрлаат ѓубре по винските патишта во Неготинско

53

Со натпреварот во дегустација на вина и ракии од индивидуални производители, почнаа активностите и настаните во рамки на “Неделата на виното”, која се организира во чест на празникот Свети Трифун. На јавниот повик оваа година пристигнаа рекордни 70 мостри вина и ракии, што значи дека постои зголемен интерес за учество во изборот на најдобри вина и ракии од индивидуални производители, информираат од општината. Од нив, 12 мостри се од бели вина, 28 од црвени вина и 28 мостри од ракија, а се оценуваат од страна на шестчлена стручна комисија составена од енолози.

– Оценувачите истакнуваат дека од година в година квалитетот на вината и ракиите е се поголем, меѓу другото, благодарение на советите, мислењата и сугестиите што тие им ги даваат, а производителите ги прифаќаат и применуваат во пракса – додаваат од општина Неготино.

Во пресрет на овој верски празник несовесни исфрлаат ѓубре по винските патишта во Неготинско, реагираат љубители на природата. Тие прашуваат дали несовесните помислиле на тоа, што ќе видат туристите кога ќе дојдат да дегустираат вино во овој крај.

– Не ми е јасно зошто поединци наместо да го однесат поголемиот отпад од својот дом на градската депонија, го исфрлаат буквално каде што ќе им текне. За поздрав е тоа што многу луѓе почнуваат малку поодговорно да се однесуваат кон животната средина, но за жал се уште има такви кои оставаат лоша слика не само за себе, туку и за целиот град – рече планинарката и екологист Бојана Андонова.

Од Општина Неготино истакнуваат дека континуирано ги решаваат ваквите проблеми. Дека комуналните редари се редовно на терен и прават контроли, а се преземаат и мерки.

– Но, со поединци и нивната несовесност, постојано се бориме. Како впрочем и во други општини. На периферните делови од градот се депонираат комунален отпад или градежен шут и со тоа се создаваат мини диви депонии. Редовно се чисти, но повторно никнуваат такви депонии на неколку места. Неопходно е подигнување на јавната свест, нагласија од општината, апелирајќи за поголема свесност за екологија. Се размислува и за преземање на други мерки, со вклучување на многу повеќе субјекти, за да се стави крај на ваквите и слични појави.