Договорот од Преспа донесе бизарни лажни вести

141

Бугарски кран влезе во Македонија за да го крене „Воинот на коњ“ по потпишувањето на Договорот од Преспа е најбизарната лажна вест за премиерот Зоран Заев. За власта, пропагандата и дезинформациите промовираат омраза и насилство, создаваат параноја ги манипулираат граѓаните за да создадат конфликти. Првите тројца луѓе во државата, претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери седнаа на заедничка маса и порачаа дека справувањето со дезинформациите се одлична инвестиција за развој на општество на слободни граѓани што е крајна цел и на нашата земја.

Конститутивниот состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации, на која присуствуваше државниот врв, најави кампања против лажните вести и ги оцени како „сајбер-напади против демократијата и политичката стабилност“.

– Нашата земја во повеќе наврати се соочи со вакви тешкотии особено за Преспанскиот договор. Кампањата со лажни вести го дезинформираше и ги дестимулираше граѓаните и имаа најголем интензитет на самиот референдум па дури и му се додаваа членови на договорот. Тезите кои се пласираа во јавноста беа: Го губиме идентитетот и се брише сè што е македонско, Грција го напиша нон-пејперот со уставните амандмани што треба да ги спроведе Владата. Се менуваат меѓународните кодови и кратенки, дезинформациите дека се брише АСНОМ од Уставот, јазикот ќе биде северномакедонски, Грција нема да го почитува договорот во иднина, беше еден од насловите, па и дека нема поврзаност договорот и референдумот со интеграцијата на Македонија во ЕУ. Се сеќавате на една вест која тврдеше дека бугарски кран ќе го трга споменикот на Александар Македонски на плоштадот, па граѓани се собраа да го бранат, рече премиерот Зоран Заев на отворањето на седницата.

Шефот на државата, Стево Пендаровски, рече дека веднаш стануваат актуелни во разговорите во нашите семејства, на работните места, но најмногу во виртуелниот свет на социјалните мрежи.

– Како консументи на огромниот број медиумски информации често немаме можност да правиме разлика дали тоа што пред нас е вест која ги следи новинарските стандарди и дали е проверена информација заснована на факти која му служи на јавниот интерес или, пак, е производ на пропаганда со цел да ја дезинформира јавноста. Во изминатите години го видовме потенцијалот на лажните вести, да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот. Лажните вести, полека, но сигурно, стануваат една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави заради нивниот капацитет да ја изобличуваат вистината и да ги поткопуваат вредностите на демократијата како политички систем – смета претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Институциите мора да бидат отчетни, рече собранискиот спикер Талат Џафери, за да ја стеснат можноста од евентуални манипулации.

– Границите кои некогаш беше невозможно да се поместат, се придвижуваат се повеќе. Тоа ме радува и ме плаши зашто значи дека информациите, но и дезинформациите се шират со голема брзина. Штетата што дезинформациите може да ја предизвикаат, не може да се поправи и да се врати назад. Информацијата и дезинформацијата денес се најсилното оружје со кое се нарушува интегритетот на личности и држави, се шири општа недоверба во институциите, меѓу земјите, посочи Џафери.

Кампањата против т.н. „фејк њуз“ ќе се води според стандардите на Европската комисија и секторот за комуникации на НАТО. Од октомври е најавена серија консултации со граѓанските организации и медиумите. Беше поздравена и иницијативата за регистар на изданија само што ги исполнуваат условите да бидат медиуми, со познато сопствеништво и импресум.