Лукас Тореира дојде во Арсенал од Сампдорија во 2018 година, како големо засилување, кое ги чинеше „топчиите“ 30 милиони евра. Една година подоцна, замина како позајмен во Атлетико Мадрид, додека минатата сезона ја мина во Фиорентина. Иако се враќа во лондонскиот клуб, 26-годишниот уругвајски играч за врска изјави дека не планира да игра за тимот од Лондон.

  • Во моментов сум на одмор, но агентите разговараат со голем број клубови. Сакав да останам во Фиорентина. Сепак, тоа не се оствари, па размислуваме за нов правец – изјави Тореира за „Ел Телеграфо“.

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, го нема во своите планови за следната натпреварувачка сезона, без разлика што Уругваецот има договор до летото 2023 година.

Го прашале дали постои можност повторно да заигра за Арсенал, тој одговорил: „Не постои“.

  • Ми рекоа дека нема место за мене. Затоа не сакам да останам, доволно страдав, морав да се навикнам. Сакам да играм во Италија или во Шпанија – изјави Тореира.