Добри и лоши страни на 1 јануари:Пензиите нагоре, даноците надолу… автомобилите поскапеа

Добар старт на годината имаат семејствата кои беа гонети од извршители. Тие почнувајќи од овој месец се ослободени од каматите на заостанатите долгови. Ова е радосна вест само за оние кои должат на државни и општински претпријатија. Зашто, во документите за извршување за неплатените сметки за струја, парно, телефон и други услуги, кои ги даваат приватни фирми, и понатаму стојат сите можни камати, од првиот ден на долгот, до неговото плаќање. Владата ги ослободи граѓаните од каматите на долговите кон државните компании, додека пак на приватните само им препорача да го следат овој пример

269

Повисоки пензии, отпис на камати за стари долгови, помал данок за кириите, враќање на рамниот данок, повисока царина за увоз на половни возила, се дел од новините кои стартуваа со првиот ден на новата година. Први јануари некого израдува, некого насекира. А честитките стигнаа од пратениците и членовите на Владата, кои во тесна трка со времето, пред истекот на старата година изменија закони и уредби со кои го сменија и животот на граѓаните – кому како.

По покачувањето на минималната плата на 14.500 денари, која на сметките на вработени ќе легне овој месец, има повеќе пари и за пензионерите.  Само три дена пред Нова година, Собранието изгласа измени на пензискиот закон со кој јануарските пензии што се исплатуваат во февруари се зголемени  за околу 900 денари. Со тоа просечната пензија во државата од 14.598 денари се покачува на 15.500 денари.

Добар старт на годината имаат семејствата кои ги гонат извршители. Тие почнувајќи од овој месец се ослободени од каматите на заостанатите долгови. Ова е радосна вест само за оние кои должат на државни и општински претпријатија. Зашто, во документите за извршување за неплатените сметки за струја, парно, телефон и други услуги кои ги даваат приватни фирми и понатаму стојат сите можни камати, од првиот ден на долгот, до неговото плаќање. Владата ги ослободи граѓаните од каматите на долговите кон државните компании, додека пак на приватните само им препорача да го следат овој пример. Се изјаловија и очекувањата дека од 1 јануари извршителите ќе наплатуваат помалку за  своите услуги. Неколку дена пред крајот на годината министерката за правда Рената Десковска најави дека не е одлучено максималната извршителска награда да се намали од сегашните 1.000 на 300 евра и меѓу редови посочи дека на таа тема допрва ќе се преговара. Инаку, најавата за намалување на оваа сума беше причина во знак на протест на крајот на минатиот месец првпат во своето постоење извршителите да ги затворат канцелариите.

Оваа година уште во самиот старт стана поинаква од претходната и по тоа се врати рамниот данок, а прогресивниот со една зголемена стапка што ја плаќаа лицата со месечни приходи над 95.000 денари, се стави во мирување на три години. Така, сега повторно и минималните приходи и најголемите плати се оданочуваат со 10 проценти. Од ланските 15 на 10 проценти се врати и данокот на кириите, на правата на индустриска сопственост и сличните приходи.

На 1 јануари убава новогодишна честитка добија и лицата кои заработуваат од стопанска дејност. За нив прагот за регистрација како ДДВ обврзници се зголеми од ланските еден, на два милиона денари. Управата за јавни приходи на оние кои во изминатите години станале ДДВ обврзници поради приход помал од два милиони денари им даде рок да се одрегистрираат до средината на месецов. Истиот рок важи и за регистрација за ДДВ на обврзниците кои лани спечалиле повеќе од два милиона денари.

Новата година донесе уште едно олеснување за граѓаните. Сега кога купуваат нешто што е поскапо од 500 евра, можат едноставно да извадат пари од џеб и да го платат. Од 1 јануари со законски измени дозволено е готовинско плаќање на суми до 3.000 евра, откако лани оваа граница лани прво се симна на 1.000, а потоа и на минимални 500 евра.

Добра вест за и за граѓаните кои пазарат во странство од дома. Сега од странските интернет-продавнци може да се купува до вредност од 90 евра без да се плати царина. До пред само неколку дена се царинеа пратките до вредност од 45 евра.

А во оваа лавина од новини најдебелиот крај  го извлекоа граѓаните кои планирале да си купат возило на старо, а тоа не го сториле до Нова година. Од 1 јануари стапи на сила Уредба донесена од Владата, со која возилата до вредност од 10.000 евра се царинат според тоа колку јаглероден диоксид емитуваат. Тоа во принцип би значело поскапување на возилата и тоа драстично кога се во прашање дизелашите, за кои сега се плаќа двојно повисока царина отколку за бензинците.

Сепак, на оние кои на кои ова им ја растури финансиската конструкција за подновување со возило со кое планирале да прошетаат низ соседните земји, како за утеха, наместо зад воланот, можат да седнат дома во фотелја и без страв дека ќе потрошат многу, да зборуваат на мобилен телефон со роднините и пријателите од тие земји. Зашто, согласно со планот што пред повеќе години  го направија телеком-регулаторите од Балканот, цените на роамингот паднаа и 1 јануари. Освен со Црна Гора и Босна и Херцеговина кои се надвор од договорот, со другите земји од Западен Балкан македонските граѓани сега зборуваат за 35 проценти поевтино од лани. За шест месеци, тие цени треба да се сведат на домашните.

(С.В.)