Кошаркарот на Њу Орлеанс Пеликанс, Брендон Инграм (23) потпиша нов, петгодишен, максимален договор со сегашниот клуб, врз основа на кој ќе заработи 158 милиони долари, пренесуваат американските медиуми.

За само една година откако пристигна од Лејкерс, Инграм успеа да ги „убеди“ челниците на тимот од Луизијана дека тој е играчот околу кој ќе се гради тимот во следните години, поради што беше задржан со голем договор за пет сезони.

Инаку, Инграм беше во Лејкерс три години претходно, како дел од големиот трејд на два клуба во кои централна фигура беше Ентони Дејвис, поради што мораше да се пресели кај „пеликаните“.

Крилниот кошаркар беше во план за максимален договор уште пред почетокот на претходната сезона, но поради здравствени проблеми беше „во аут“ некое време, па клубот ја одложи конечната одлука.

По враќањето на паркетот, Инграм ја потврди својата класа, беше прогласен за играч кој направи најголем напредок, а исто така беше изгласан да учествува во Ол-стар викендот. Овие показатели беа јасна порака по кој пат оди кариерата на Инграм, така што новиот договор со Пеликанс беше само прашање на време.

Инграм особено го подобри ударот за три поени, забележа далеку подобри бројки отколку во Лејкерс, што е уште еден важен адут кој му помогна да постигне животен договор.

Освен него, максималните договори претходните денови со своите клубови потпишаа и Донован Мичел (Јута), Џејсон Тејтум (Бостон) и Бем Адебајо (Мајами), додека многу пари доби и поранешниот играч на Селтикс, Гордон Хејворд, кој од следната сезона ќе ги брани боите на Шарлот.