Екипата на Мајами го суспендираше својот кошаркар Дион Вејтерс на десет натпревари без плата, поради инцидентот што се случи во петокот, пред патувањето на неговиот тим во Лос Анџелес. Суспензијата пред се е поради – гумени бонбони!

Првата информација беше дека Вејтерс се предозирал од гумени бонбони, но подоцна, како што се очекуваше, исплива информација дека тоа не биле обични гумени бонбони – туку истите содржеле канабис.

Кошаркарот на Мајами во текот на летот цело време консумирал бонбони, а потоа му беше укажана помош откако слета во Лос Анџелес. Потоа следувала паника во клубот, сè додека не дознале што навистина се случува.

Вејтерс е веќе етикетиран како проблематично момче во Мајами, затоа што постојано се расправал со тренерот Ерик Сполстром, па нема одиграно ниту еден натпревар оваа сезона.

Интересно е што тој потпиша четиригодишен договор вреден 47,3 милиони долари ова лето, плус дополнителни бонуси. Требаше да одигра најмалку 70 од преостанатите 73 натпревари за Мајами за да добие бонус од 1, милион долари, но со оваа суспензија остана без тоа.

Инаку, тој му дал од гумените бонбони и на еден соиграч, кој не сакал да го открие, па затоа само Вејтерс си доби драконска казна.

Што се однесува до НБА натпреварите, токму Бостон запиша победа на домашен терен против Далас со 116:106, пред се благодарение на Вокер и Браун кој заедно постигнаа 54 поени. На спротивната страна, по кој знае кој пат, одличен беше Лука Дончиќ запишувајќи 34 поени, девет асистенции и шест скокови.

Резултати: Детроит – Минесота 114:120, Сан Антонио – Мемфис 109:113, Њу Орлеанс – Хјустон 116:122, Голден стејт – Јута 108:122, ЛА Клиперс – Торонто 98:88.