Еколошкото друштво „Eco Action“ од Тетово во рамки на кампањата за собирање електричен и електронски отпад додели 10 велосипеди со приколки за луѓе кои ќе ги собираат апаратите кои не се во функција од домовите на тетовци.

Граѓаните ќе може да се јават на посебна еко-линија по што собирачите ќе дојдат во нивните домови да го соберат електричниот и електронски отпад.

– Целта е да се ослободат жителите од овој отпад што не им работи по дома, воедно знаејќи дека е штетно по здравјето. Ваков организиран начин во Тетово досега немало на собирање електричен и електронски отпад. Граѓаните го фрлаа каде ќе стигнеа дури и во реки и во диви депонии, а сега ќе може да ги избегнуваат таквите практики и да не се соочуваат со казни поради тоа што фрлањето електро отпад е казниво со закон, рече Агрон Бафтијати, извршен директор на „ Eco Action“ од Тетово.

Собраниот електро отпад првично ќе се складира во места на ЈКП Тетово по што ќе се предава на партнерот Друштво за управување со електро отпад „Нула Отпад“ од Скопје за да се носи на рециклирање.

– Граѓаните може да се јават на еколинијата 070-661-300, а нашите собирачи ќе го подигнат отпадот најдоцна 24 часа по повикот, рече Бафтијари.

Минатиот месец „Eco Action“ постави еколошки контејнери за собирање на електричен и електронски отпад на неколку локации во општините Тетово и Боговиње. Контејнерите се поставени пред објектите на компании и институции.