ДКСК бара кривично да се гони градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу

93

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) донесе одлука за преземање иницијатива до надлежното Основно јавно обвинителство да поведе кривична постапка против градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и овластен градежен инспектор поради основано сомнение за „злоупотреба на службената положба и должност“.

Антикорупционерите сметаат дека постои основано сомневање оти со непостапување на градоначалникот на Општина Чаир и овластениот градежен инспектор за изградба на објект на улицата „Војдан Чернодрински“ во Општината, овозможиле прибавување корист за друго лице со незаконско градење.

Членот на ДКСК, Владимир Георгиев, појасни дека самото непостапување и неодговарање на дописите на Државниот градежен инспекторат и ДКСК создале сомнеж дека се знаело за објектот, меѓутоа не се постапувало.

– Барањето од група граѓани, кои се обратиле до Државниот инспекторат за градежништво, е кон крајот на 2018 година. Ние одговорот, со сите ургенции, го добивме три години подоцна – изјави Георгиев.

Предметот е доставен од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, по пријава до нив од граѓани против непознат инвеститор за сторено дело – бесправно градење објект. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја доставил претставката до овластениот градежен инспектор во Општината Чаир, а од градоначалникот е побарано да ги преземе сите дејства предвидени со закон. Бидејќи не бил добиен одговор од Општината, Државниот инспекторат поднел ургенција, на која повторно не добил одговор.

– Поради наведеното, Државниот инспекторат се обраќа до ДКСК и изразува сомневање дека Општината не поседува документи и станува збор за дивоградба, поради што се бара од ДКСК итно да се побара одговорност од вклучените лица – појасни Георгиев.

ДКСК се обратила до Општина Чаир, но не добила одговор, иако упатила и ургенција. По третата ургенција, до ДКСК пристигнал одговор, при што, по увид во списите, е констатирано дека за објектот имало барање за утврдување статус на бесправно изграден објект и било констатирано дека објектот ги исполнува условите за легализација.