Директорот Николовски онлајн разговараше со студентите на кои им се украдени лични работи од домот Стив Наумов

769

Директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски денеска преку видеоконференција разговараше со неколкумина студенти од студентскиот дом „Стив Наумов“ меѓу кои и оние кои минатата недела се пожалија дека им недостигаат многу лични работи од нивните соби, кои биле украдени во периодот додека домот не работеше.

Раководството на Студентскиот центар им даде рок до денеска да си ги соберат своите лични работи од собите во домовите каде биле сместени, но некои кои минатата недела дошле тоа да го сторат, забележале дека им недостасуваат алишта, обувки, ќебиња, постелнини.

Дел од студентите пријавиле во МВР и станува збор за пет кривични дела извршени во студентскиот дом „Стив Наумов“.

– Станува збор за три кривични дела тешка кражба, една извршена во март и две извршени во април и две кривични дела кражба, кои се гонат по приватна тужба (двете извршени во јуни). Притоа, за четири кривични дела – две кривични дела кражба по приватна тужба и две кривични дела тешка кражба бил земен записник за примање кривична пријава против непознат сторител, додека увид на местото на настанот е извршен на едно кривично дело тешка кражба. СВР-Скопје презема мерки за нивно расчистување – велат од СВР-Скопје.

– Со студентите разговаравме и се договоривме да ми пратат на меил допис на кого, што му фали од собите и во која вредност. Исклучиво се работи за украдена облека и средства за хигиена. Сакам да имам евиденција се додека трае постапката за утврдување на сторителите. Целта ми е решавање на ситуацијата и ниту еден да не биде оштетен. Сакам да се врати довербата на студентите во институциите – изјави директорот Николовски.

Тој најави дека Студенсткиот центар ќе вложи во подигање на безбедноста и надзорот во домовите.

– Лани поставивме видео надзор во домот „Кузман“, а годинава планиравме истото тоа да го сториме и во домот „Стив“ и останатите домови со дополнително надворешно обезбедување во ноќните часови. Но, по пандемијата со коронавирусот поради што студентите во март заминаа дома, работите ги одложивме, но на половина година сме сега, планираме да ги реализираме до крајот на годинава – рече Николовски.

Тој потсети дека Владата има обезбедено 25 милиони евра за целосно реновирање на студентските домови во Скопје и нивно подигање на ниво на енергетско ефикасни објекти.

(С.Бл.)