Директорот на „Зум“ ќе ја намали својата плата и ќе се откаже од корпоративниот бонус

33

Компанијата за комуникациски технологиии „Зум“ (Zoom), со седиште во Сан Хозе, Калифорнија отпушта околу 1.300 работници, или 15 отсто од вработените, според блог пост на веб-страницата на компанијата.

Извршниот директор Ерик Јуан напиша во блог пост дека додека светот продолжува да се прилагодува на животот по Ковид пандемијата, компанијата мора да се прилагоди на „неизвесностите на глобалната економија“, како и „нејзиниот ефект врз нашите клиенти“.

„Зум“ нагло доби на значење за време на пандемијата кога луѓето беа принудени да работат од дома и се свртеа кон софтверот за видео разговор за да останат во контакт со колегите, пријателите и семејството

Јуан рече дека на отпуштените вработени ќе им бидат понудени до 16 недели плата и здравствено осигурување. Извршниот директор, исто така, рече дека планира да ја намали сопствената плата за претстојната фискална година за 98 проценти, а исто така се откажува од својот корпоративен бонус за 2023 година.

„Како извршен директор и основач на ‘Зум’, јас сум одговорен за овие грешки и активностите што ги преземаме денес – и сакам да покажам одговорност не само со моите зборови, туку и со моите постапки“, напиша Јуан во објавата.