Динамо (З) со негатива, Јунајтед заврши работа

39

Репрезентативците на Македонија, Аријан Адеми и Стефан Ристовски, нема по убаво да го паметат првиот 1/4 финален натпревар во најмасовното клупско натпреварување, Лига Европа. И покрај одличната игра во поголемиот дел од натпреварот, актуелниот шампион на Хрватска, тимот на Динамо (З) доживеа минимален пораз од 1:0 на домашен терен од шпанскиот преставник, екипата на Вилјареал. Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 44 минута, беше дело на Жерард Морено, кој успешно го изведе ударот од белата точка. Адеми и Ристовски го одиграа целиот натпревар.

  • Сите сме сведоци на две различни полувремиња. Можеме да жалиме за примениот погодок во првото полувреме во кое бевме подобар противник. Во вториот дел гостинот беше подобар, но вината за тоа мора да ја побараме во желбата што е можно побрзо да постигнеме израмнувачки погодок. Гостите знаат тоа да го казнат и успеаа во тоа. Во последните 15 минути не бевме доволно организирани и затоа мора да бидеме задоволни од конечниот резултат, изјави по натпреварот тренерот на Динамо (З), Дамир Крзнар.

Најблску до полуфиналната рунда е англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед кој на гостински терен со 2:0 ја доби првата 1/4 финална пресметка против шпанскиот претставник, Гранада. Четата на Оле Гунар Солскер дојде до посакуваниот резултат со погодоците на Маркус Рашфорд и Бруно Фернандеш.

Резултати: Ајакс – Рома 1:2, Арсенал – Славија П. 1:1, Динамо З. – Вилјареал 0:1, Гранада – Манчестер Ј. 0:2.