Димовски: АНБ ги финализира реформите и ја унапреди соработката на домашен и меѓународен план

36

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во изминатата година скоро ги финализира реформските напори и ја динамизира и унапреди соработката, како на домашен план, со сите институции кои имаат и извршуваат безбедносни задачи, така и на меѓународен, како дел од безбедносниот систем на НАТО-Алијансата, изјави директорот на АНБ Виктор Димовски на денешната прес-конферениција по повод одбележувањето на годишнината од основањето и Денот на Агенцијата за национална безбедност.

Во изминатиот едногодишен период, Димовски посочи дека Агенцијата, како и останатите институции во нашата земја работеле во услови кои беа диктирани од светската пандемија и продолжен изборен процес кој наместо три месеци траел осум месеци.

-Во вакви услови продолживме и скоро ги финализиравме реформските напори. Тоа пред се, се однесуваше на дозавршување на процесот на усвојување и доусогласување на интерната легална рамка за работа на Агенција. Продолживме со процесот на кадровско освежување и обновување и во тие рамки со гордост можам да истакнам дека она што го ветивме и го остваривме, а тоа е дека десетте најдобри студенти на македонските универзитети веќе започнаа со работа во АНБ. Ова не беше само еден чин, ова ќе биде процес и со ваквиот однос кон најдобрите студенти првенци на генерацијата ќе продолжиме и во периодот пред нас. Вратите на АНБ за најдобрите студенти секогаш ќе бидат отворени, изјави Димовски.

Агенцијата денеска ги промовираше и новите службени легитимации на припадниците на АНБ.

-Во вакви услови ги продолживме напорите за динамизирање и унапредување на соработката со сите останати институции во државата и пред се оние коишто имаат и извршуваат безбедносни задачи, меѓутоа ја динамизиравме и унапредивме соработката и на меѓународен план, така што продолживме да функционираме како дел од безбедносниот систем на НАТО-Алијансата каде што сите знаеме нашата земја е полноправна членка од март минатата година, изјави Димовски.

Во однос на основните задачи на Агенцијата, Димовски истакна само три активности коишто успеале да ги финализираат.

-Едната од нив е поврзана со активностите на одредени субјекти на планот на тероризам и насилниот екстремизам. Како што веќе знаете, тоа беше објавено во соработка со МНР и со надлежното ЈО. Она што ние го откривме и го документиравме тоа е постоењето и функционирањето на група од три плус осум, вкупно 11 припадници коишто прибираа и располагаа со одредени количества на оружје, експлозивни материјали, вклучувајќи самоубиствени елеци и коишто имаа намера да извршат атак на витални објекти во нашата држава. Сето ова во соработка со двете надлежни институции беше благовремено превенирано и процесуирано, изјави Димовски.

Во овој контекст, рече тој, имавме и уште една мошне успешна реализација, а тоа е откривање на поголема количина на оружје во околината на Кичево и што е мошне интересно и поврзано со ова, таму најдовме и еден полигон за боево гаѓање којшто бил користен.

-И оваа активност согласно нашите законски надлежности беше благовремено превенирана и во соработка и со останатите институции беше процесуирана, нагласи Димовски.

Со нашите активности, рече Димовски, успеавме да откриеме и документираме четири организирани криминални групи коишто изготвуваа лажни ПЦР тестови.

-Сите овие активности коишто во даденава ситуација и доколку се поединечни може да се сметаат само како атак на јавното здравје, меѓутоа во услови на пандемија и во услови кога се случуваат во поголем обем по обемното загрозување на националното здравје значи и загрозување на националната безбедност и поради тоа ние сметавме дека сме повикани. Се инволвиравме и помогнавме на соодветен начин тие да бидат процесуирани, рече Димовски.