Димовски: АНБ ги презеде сите неопходни мерки за безбедно прифаќање на цивилното население од Авганистан

32

Агенцијата за национална безбедност ги презеде сите неопходни мерки за соодветна и навремена безбедносна проверка, како и останати активности коишто ќе овозможат безбедено прифаќање, транспорт и престој на цивилното население од Авганистан во нашата земја, изјави попладнево директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.

Проверките, нагласи тој, се навреме извршени и во соработка со МВР, со останатите безбедносни институции и со партнерските служби на земјите членки на НАТО-Алијансата преземени се мерки нивниот привремен престој, кој ќе биде до 90 дена во нашата земја, да се одвива во најдобар ред.

-Согласно со она што досега го добивме се работи за граѓани, истакнати активисти во граѓански организации, дел ваши колеги новинари, исто така и дел граѓани кои работеле во цивилниот состав како поддршка во работата на странските амбасади во Авганистан. Проверките се навреме извршени. Ние постапуваме и согласно нашите надлежности, преземаме и останати мерки и активности и убедени сме дека сето она што се однесува за престојот на оваа група ќе се одвива во најдобар можен ред, изјави Димовски, одговарајќи на новинарско прашање, по прес-конференцијата по повед годишнината од основањето на АНБ.

Во однос на ширењето на лажните вести, Димовски посочи дека тоа е појава со која не се соочува само нашата земја, туку и земјите од регионот и пошироко. Задоволен е, како што рече, што ваквите лажни вести не наидуваат на некоја сериозна поддршка кај јавното мислење.

Заканата од екстремистички, терористички и слични активности, како што нагласи, е перманентна и кон нашата земја, и кон земјите од регионот и ширум светот.

– Она кое што го споменав за реализацијата на терористичката група од Куманово и Скопје кој имаше 11 припадници, зборува за тоа дека постојат одредени поединци и групи кои сметаат дека на тој начин ќе ги остварат своите цели. Така што и со оваа и без оваа активност, нашите активности и нашето внимание продолжува. Ова секако е една дополнителна задача за сите нас да направиме што е можно повеќе нивниот престој во овие 90 дена да се одвива во најдобар можен ред, рече Димовски.