Димковски: Со развој на селата младите нема да ни бегаат надвор од државата

Проектот за интегриран рурален развој и подобрување на условите за живот во руралните средини треба да придонесе за намалување на иселувањето на младите и нивно задржување во селата, а со тоа и зголемување на земјоделското производство и намалување на увозот на храна

204

Подобрување на условите за живот во селата и подигнување на стандардот на живеење на населението ќе се овозможат со новиот проект на ФАО во износ од 275 илјади евра кој ќе го спроведува заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според министерот Димковски, земјоделството и производството на храна играат значајна улога во македонската економија и вработуваат повеќе од една третина од работната сила во државата. Сепак, додаде тој селата се соочуваат со многу ограничувања кои го кочат нивниот развој.
– Целта на проектот е да ги подржиме политиките и мерките за руралниот развој кој имаат за цел да го подобрат животот во руралните средини и стандардот на живеење на населението. Руралните заедници се соочуваат со бројни ограничувања вклучувајќи непостоење на соодветна инфраструктура, преголема расцепканост на земјиштето, ранливост кон климатските промени, ограничен пристап до финансии, минимална алтернатива за приходи надвор од земјоделството, стареење на земјоделското население и родовата нееднаквост. Соодветното креирање на руралните политики на кои сме фокусирани е еден од нашите главни приоритети кои ќе придонесат за намалување на иселувањето на младите и нивно задржување во селата, а со тоа и зголемување на земјоделското производство и намалување на увозот на земјоделски производи, истакна министерот Димковски.
Тој додаде дека избраните пилот заедници во овој проект можат да бидат модел за постигнување на одржлив рурален развој, обезбедување храна и ублажување на руралната сиромаштија во државата.
Димковски очекува дека со финансиската поддршка за младите земјоделци, која засега изнесува 10 илјади евра, а ќе се зголеми на 20 илјади евра долгорочно ќе се промени старосната структура на земјоделското население и ќе се спречи трендот на депопулација на руралните средини.
Мортен Хартвигсен, менаџер на Регионалната иницијатива на ФАО за мали земјоделски фарми рече дека целокупниот предизвик не е само да се осигури земјоделскиот и руралниот развој преку зголемена продуктивност и конкурентност на малите фарми, туку долгорочно да се подобрат условите за живот во руралните средини.
Семејните фарми произведуваат храна за значителен дел од светското население. Развојот на нивниот потенцијал за производство на квалитетни производи и услуги на одржлив начин е клучно за постигнување на глобалните цели за искоренување на руралната сиромаштија, осигурување на доволно храна за сите и одржлив развој. (А.С.)