Димковски: Земјоделците да ги продаваат своите производи онлајн

49

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски им порача на земјоделците да се трудат своите производи, согласно ситуацијата, да ги продаваат онлајн.

„Во услови на ограничен пристап до пазарите и рестрикции во движењето, се повеќе земјоделци почнуваат онлајн продажба на своите производи. Успехот на онлајн продажбата е докажан механизам за трговија, кој се користи и кај нас“, објави Димоковски.

Тој ги повикува земјоделците да се одлучат на ваков начин на тргување, особено затоа што се овозможува продажба и надвор од нашите граници, па така македонските земјоделски производи можат да станат лесно достапни на странските пазари.

„МЗШВ ги повикува сите земјоделци кои имаат пристап до интернет, да го следат овој пример, со што заеднички ќе допринесеме кон продажба и снабдување со храна во услови на пандемија со коронавирус, но и по завршувањето на оваа кризна состојба“, додава министерот.