Димитров со порака до Грција: Природно е да бидеме сојузници!

Шефот на дипломатијата истакна дека земјава оваа година исполнила многу и доколку Европа не го препознае тоа со одлука за почнување преговори во октомври, ќе испрати порака до регионот дека трудот можеби е залуден. Место за проширување ние треба да зборуваме за комплетирање на Европа во контекст на евроинтегративниот процес, порача министерот Димитров во Атина

94

Не мислам дека постои поприродна врска меѓу двете држави освен да бидеме сојузници и стратешки партнери. Ние мораме да развиеме чувство овде во Атина со новата влада дека ова не е товар, туку можност. И ние ќе го направиме тоа, истакна македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање на конференцијата на „Економист”, што изминатите два дена се одржа во Атина. Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, Димитров го подвлече успехот на Северна Македонија.

 -Оваа година имаме многу силен и уверлив случај во контекст на оствареното на планот на надворешната политика и домашните реформи. И доколку Европа не го препознае ова со одлука за почнување преговори во октомври, пораката за регионот ќе биде – не се трудете да разрешувате тешки проблеми и да трошите политички капитал на заглавени и замрзнати прашања, не се трудете да инвестирате во реформи, можеби не вреди да го правите тоа. Место за проширување ние треба да зборуваме за комплетирање на Европа во контекст на евроинтегративниот процес, рече Димитров.

За да ја долови ситуацијата во односите меѓу двете соседни земји, Димитров истакна дека „треба да бидеме горди на тоа дека овој пат добрите вести доаѓаат од Балканот”, порачувајќи дека „не можеме да ја смениме географијата или историјата, но можеме да изградиме иднина”, преку градење меѓусебна доверба и разбирање на другиот, соопштија од МНР.

 – Сега се искачивме на врв од планина, зад нас оставаме студенило, зима и темнина, а пред нас гледаме пролет, зеленило и светлина, рече министерот Димитров.

Во однос на очекувањата од новата грчка Влада, министерот посочил дека треба да се продолжи да се работи во иста насока, а Договорот од Преспа е договор, потпишан и ратификуван меѓу две земји и е дел од меѓународна право.

– Мислам дека треба да продолжиме да работиме во иста насока и со новата Влада. Штом мојот колега Дендиас беше одбран јас бев во Словачка, му се јавив и му честитав. Ќе се сретневме, но мораше да оди во САД. Мислам дека ќе има поле на можност за да се изгради доверба, рече Димитров.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, во неговото обраќање на панел-дискусијата изрази надеж дека ќе постои простор во иднина договорот да се направи „покорисен за двете страни во следните месеци и години преку пристапниот процес во ЕУ на северниот сосед”.

Варвициотис објасни дека Нова демократија „се бореше против потпишувањето и ратификацијата на договорот”, бидејќи сметала дека не ги исполни потребите и очекувањата на грчката страна, а спомена и дека тие ќе работат на заштита на трговските ознаки и имиња.

Амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат, рече дека „Грција е столб на стабилноста во тежок регион и ги дели клучните стратешки цели на САД од Западен Балкан со Блискиот Исток.

Министерот Димитров вчера учествуваше во работата на 23. тркалезна маса со Владата на Хеленската Република, насловена „Европа: оставајќи ја неодлучноста зад себе“ на покана на реномираниот магазин Економист. Димитров заедно со министерот за надворешни работи на Кипар, Никос Христодулидес, алтернативниот министер за европски прашања на Грција, Милтиадис Варвациотис, поранешниот грчки министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат зборуваше на панелот насловен како „Предизвици во надворешната политика “, на кој се дискутираше за состојбата на Балканот по Преспанскиот договор, како и за енергетските предизвици кои влијаат врз регионалната геополитика.