Димитров: Работодавците експлоататори да се кажат по име и сите да се борат против нив

На состанокот наидовме на блага тензија меѓу синдикатите и делумно работодавачите, но не верувам дека овие проблеми не можат да се надминат, забележа техничката министерка за труд и социјална политика

132

Работодавачите и работниците не треба да се гледаат преку нишан туку меѓусебно да се почитуваат и да градат компромиси во интерес на сите, порачуваат работодавците, а синдикатите најавуваат понатамошна борба за работничките права. Тие вчера го имаа првиот состанок во Економско-социјалниот совет со техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Нејзиниот впечаток, пак, од оваа прва средба, како што рече е дека постои блага тензија меѓу синдикатите и делумно меѓу работодавците.

– Целта на состанокот беше да се запознеме со општата ситуација и со претставниците на самиот Совет. Првите заклучоци, според изјавите кои ги добивме се дека има одредена дискрепанца во однос на нормалното секојдневно функционирање на ЕСС во однос на забелешките кои ги давале на состаноците, но ќе треба повеќе да навлеземе во проблематиката, да ги ислушаме сите страни. Сите проблеми се надминливи. На денешниот состанок наидовме на блага тензија меѓу синдикатите и делумно работодавачите, но не верувам дека овие проблеми не можат да се надминат, појасни таа.

Претседателот на најголемиот синдикат во државата – ССМ, Дарко Димовски, посочи дека овој Совет всушност одлично функционира, а доказ за тоа се големиот број донесени битни закони, како на пример за минималната плата која е покачена за 40 проценти, потоа за младинскиот додаток, за субвенционирање на покачување на платите на работниците, но и отворената расправа за нов закон за работни односи за да се вградат поголеми работнички права.

Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи, нашите закони се добри, а проблем е нивното непочитување, па ја повика Владата да обезбеди нивно почитување. Тој рече дека работодавците даваат поддршка на некои од актуелните предлози за подобрување на работничките права, како на пример работата на определено време најкусо да трае една година, а така да може да се работи најмногу три, наместо сегашните пет години. Но, тие не сметаат дека токму неделата треба да се предвиди како неработен ден туку дека треба да се задржи сегашното решение работникот во текот на неделата да има одмор од 24 часа.

-Сакаме да ги чуеме и ги почитуваме сите ставови, но до компромис можеме да дојдеме низ отворени разговори и реално согледување на состојбата во државата. Проблем во државата не е тоа што имаме лоши закони туку што тие не се почитуваат. Но, време е да не се зборува општо за непочитување на правата на работниците, зашто сите работодавачи се експлоататори. Таквите треба да се посочат  со име и презиме и сите заедно во државата да се борат против нив, рече Димитров и забележа дека државата не се наоѓа на почеток на 20 век, за класната борба и омраза помеѓу работодавачите и работниците да биде основа за напредок.

Конфедерацијата на слободни синдикати, чии претставници беа на седницата на Советот иако не е репрезентативен синдикат е со спротивно мислење за функционирањето на ова тело од она што го има ССМ. Благоја Ралповски од КСС истакна дека во изминатиот период Економско социјалниот совет не функционирал, согласно со законот, и оти биле носени одлуки за суштински закони во делот на работничките права без кворум и заклучоци. На дневен ред, рече, и покрај повеќекратни барања на КСС не било ставано, ниту усогласувањето на платите во јавниот сектор по покачувањето на минималната плата.

Овој состанок на Економско социјалниот совет, претседателот на СОНК, Јаќим Неделковски рече дека го искористил за да укаже на мешањето на државата и работодавачите во синдикалното организирање, за што, според него, пример е и последниот случај на УКИМ каде екпресно се формирал синдикат за да се исплатат повисоки плати за 10 отсто.

(С.В.)