Димитров: Нон-пејперот личи на „балканска ујдурма“

47

Начинот и формулациите во наводниот нон-пејпер за решавање на македонско-бугарскиот спор, кој го објави телевизија „Клан“ без да наведе конкретен извор, според вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров личат на „балканска ујдурма“.

„Првиот впечаток ми беше, бидејќи сум гледал и многу нон-пејпери и документи, во англиската граматика, терминологијата и во суштинските тези, приодот кон проблемот на македонско-бугарските односи во последните две години е многу далеку од реалноста. Направив неколку телефонски разговори и јасно е дека некој прави некаква идеја. Се претпоставува дека е од регионот, некој тука. Бугарија е пред избори, кај нас има локални, а можеби е и некаква домашна „ујдурма“ малку да се подзоврие таа тема, па малку и некој политички поен можеби, меѓутоа се тоа се шпекулации, изјави денеска Димитров.

Во врска со односите со Бугарија вели дека на тој план не се случува ништо со оглед на тоа што нашиот источен сосед е пред трети вонредни парламентарни избори кои ќе се одржат заедно со претседателските.

„Има контакти на дипломатско ниво, на експертско и работно ниво. Ние сме сепак соседни држави, но јасно е дека политички соговорник нема и треба да чекаме бугарскиот народ да се одлучи на избори“ – истакна Димитров.

Во врска со нон-пејперот се огласи и бугарското Министерство за надворешни работи, преку соопштение во кое информираше дека не се официјално известени за таков документ, ниту пак дека учествувале во неговата подготовка и поради тоа не можат да ја коментираат неговата автентичност и содржина.

(И.С.)