Димитров-Линде: Клучно е Северна Македонија да се задржи на интензивните реформи

58

Клучно е Северна Македонија да се задржи на интензивните реформи. Шведска го поздравува значајниот напредок што земјата го постигна во реформата во судството и борбата против корупцијата, како и реформата на разузнавачкиот сектор, изјави денеска шефицата на шведската дипломатија Ан Линде на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Линде рече дека на средбата со Димитров била запознаена подетално со реформската агенда на земјава и како што рече, разговарале за заедничката европска иднина.

– Шведска и Северна Македонија имаат одлични билатерални односи. Шведска обезбедува значајна развојна помош за Северна Македонија за економски развој, за човекови права и за квалитетна животна средина, истакна министерката.

Како што посочи таа, историскиот Договор од Преспа е од суштинско значење и е од клучна важност за просперитетот во регионот, нагласувајќи ја при тоа конструктивната улога на Северна Македонија.

Комисијата препорача отворање преговори за пристапување со Северна Македонија. Свесна сум за разочарувањето по недонесувањето на одлуката и покрај сите напори што ги вложи Северна Македонија вклучително и преку Договорот од Преспа за промена на името, истакна таа.

Линде рече дека Шведска и натаму ќе дава поддршка на интегративните процеси во регионот.

Шведска води дискусии за ревизија на процесот на проширување, и натаму ќе даваме поддршка на интеграцијата на Северна Македонија. Демократијата е предизвик и проблем во многу делови од светот, вклучително и во Европа. Шведска се залага за попозитивен развој во оваа област во земјата и ќе дадеме подршка на развојот за медиумите и слободите, додаде Линде.

Димитров ја истакна високата заложба на Шведска во рамки на Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори, како и за долгогодишната принципиелна поддршка на земјата во однос на нашите европски аспирации.

– Ова е посета на охрабрување, доаѓа по недонесувањето на одлука за почеток на преговори и префрлување на прашањето пред пролетниот самит идната година во Загреб од страна на ЕУ. Разговаравме за импликациите од одлуката, за нашиот европски процес, за состојбите во земјата и регионот, истакна шефот на дипломатијата Димитров.

Димитров ја посочи конкретната поддршка што Шведска ја дава преку нејзината агенција за меѓународна развојна соработка СИДА на нашиот пристапен процес, со потврда на улогата на конзистентен промотор на процесите на суштинска демократизација во нашата држава, но и во целиот регион.