Димитров се огради од одговорност за дипломатскиот скандал што го тресе МНР

80

Никола Димитров се огласи на својата официјална Фејсбук страница во однос на дипломатскиот скандал што го тресе МНР, во интерес на, како што вели, „разјаснување на дипломатскиот скандал“ и „точно информирање на јавноста“.

Поранешниот министер информира дека дипломатот бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 год., кога со МНР раководел друг министер, а неговото барање за продолжување на мандатот било одбиено од страна на Димитров.

Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки. Согласно Законот, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос. Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 год., долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност. Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации, напиша Димитров.

Димитров преку својата објава посочува на фактот дека за време на неговата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности. И додава, дека тој го има искористено дискреционото право да не го испрати овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата.