Димитриевски: Победија граѓаните на Куманово

773

 Независниот кандидат за градоначалник, Максим Димитриевски ја славеше победата со приврзаниците на градскиот плоштад во Куманово. Тој се заблагодари на кумановци кои гласаа, за секој глас кој го доби и рече дека тоа е обврска уште понапорно да работи. Победата, кажа ја добиле со по еден лаптоп, фотоапарат и граѓанска поддршка. Тој се заблагодари на кумановци, но и на граѓаните од државата, кои кажа му биле морална поддршка. Тој кажа дека сака заедно со граѓаните да работи за иднината за градот. Тој кажа дека уште во минатото, Куманово било предводник на промените и дека така ќе биде и во иднина. Димитриевски најави дека заедно со граѓаните ќе се гради градот во поубаво место за живеење.

Одговарајќи на новинарски прашања дали ќе коалицира во советот на општината со советници од други партии, Димитриевски рече дека иницијативата „За наше Куманово“ победила со гласови на кумановци, дека не ги дели граѓаните по политичка припадност на „лево“ и „десно“, ниту пак на каква било припадност, етничка.

-Благодарам на сите политички субјекти кои отворено дадоа поддршка на граѓанскиот концепт, рече Димитриевски, посочувајќи дека овој концепт е позитивен пример не само во Куманово, туку и во државата. Тој им честиташе на сите градоначалници кои добија поддршка и им посака успех.

Одговарајќи на новинарско прашање за резултатите на власта, Димитриевски кажа дека тоа прашање не е за него.

-Тоа прашање е за господинот Заев и за тимот. Јас можам само да кажам дека како убеден социјалдемократ, таа партија беше државотворна. За жал, поединци кои дојдоа на истурени позиции ја доведоа до ова дереџе. Пред одреден временски период добивме огромна поддршка од граѓаните, во првиот круг добија жолт картон, но не се сфатија пораките, се продолжи исто. Никогаш повеќе во државата не може да се дозволи системот и државата да одат против граѓаните и затоа сметам дека ќе бидат неопходни реформи за да социјалдемократијата како идеологија опстане на овие простори, а впрочем политичките партии треба да имаат ферплеј мегдан на којшто ќе се натпреваруваат, а граѓаните ќе се одлучат за кој политички субјект треба да ја дадат поддршката. Никогаш повеќе да немаме во црни униформи луѓе вработени во шеста управа и во државни институции кои ја злоупотребуваат својата положба, а кандидатите и партиите да немаат место каде да се пожалат или дадат забелешки, бидејќи системот треба да припаѓа на граѓаните, а не на поединци кои ги узурпираат политичките партии од лукративно-клиентелистички цели, изјави Димитриевски.