„Книжевен бинокулар“ е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои Стојменска-Елзесер ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. Во книгата сместени се и текстови за Блаже Конески, Славко Јаневски, Гоце Смилевски, Владимир Пиштало, Владимир Јанковски, Ахмет Хамди Танпинар, Кочо Рацин…

Книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е добитник на наградата „Димитар Митрев“ за 2022 година. Комисијата во состав д-р Марина Мијаковска, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и Глигор Стојковски, детално ги разгледала сите пристигнати книги на конкурсот и едногласно одлучила наградата што традиционално ја доделува Друштво на писателите на Македонија за книга со критики или есеи да ја добие „Книжевен бинокулар“, беше соопштено на денешната прес-конференција во писателката асоцијација.

„Книжевен бинокулар“ е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои авторката ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. Според Стојменска-Елзесер „културата може да ја разбереме единствено во релации, контекстуално, компаративно“ и затоа таа се служи со компаративен метод во анализа на делата од македонските автори.

Според образложението на Комисијата: „Ова дело содржи дваесет и два текста поделени во два диптиси од вкупно десет поглавја. Секое поглавје е компонирано од два текста што може да се разберат како две оптички стакла од микроскоп или окулар што понудува различни агли на гледање на левото и десното око. Секој диптих е составен од два сродни тематско-содржински есеи кои се изделени во посебно поглавје според тематска сродност. Станува збор за концептуална книга со изграден стил, што проблематизира актуелни есеистички прашања и истражувања и носи иновативност во формата и содржината на ваквиот тип на книга. Во секое поглавје се понудени два текста како две оптички стакла, а читателот има избор преку неговата призма на гледање како трето оптичко стакло да одбере како да пристапи кон толкувањето на истражувачките прашања“.

Во книгата поместени се и текстови за Блаже Конески, Славко Јаневски, Гоце Смилевски, Владимир Пиштало, Владимир Јанковски, Ахмет Хамди Танпинар, Кочо Рацин…

„Книгата е есеистичко дело во кое компаратистичката промисла на книжевните феномени отвора нови видици и предизвици во македонската книжевна наука. Стилот е јасен и течен, а теориските импликации и цитатноста на делата со кои се служи авторката, воопшто не го отежнуваат читањето на есеите“, се додава во образложението на комисијата.

На прес-конференцијата во ДПМ беше присутна и добитничката на наградата, професорката Соња Стојменска-Елзесер, која искажа благодарност за наградата до комисијата и до сите членови на ДПМ. „Би било неискрено ако се рече дека наградите не значат, тие значат многу за секој кој твори и создава. Оваа награда има особена тежина затоа што го носи името на бардот на македонската книжевна критика, и затоа што доаѓа од колеги писатели-критичари. За критичарите и есеистите ова е престижната, најдобрата, највредната награда. Со радост ја примам и таа е големо признание за мојата долгогодишна работа на полето на критиката и есеистиката, но и признание за Институтот за македонска литература, институцијата во која работам, а којшто е издавач на книгата“, рече таа.

Притоа потсети дека со децении пишува критика и есеи, а дека „Книжевен бинокулар“ е нејзина седма книга од овој тип. Стојменска- Елзесер, која е поранешна претседателка на писателската асоцијација, додаде и дека пред десетина години имала книга која била во потесниот круг за оваа награда, но дека во изминатите четири-пет години иако имала есеистичка книга, не си дозволила да конкурира заради позицијата прв човек на ДПМ.

„Во оваа книга има спектар на модалитети на кои денешниот критичар може да се обраќа кон феномените на книжевноста. Тоа не се само осврти за една книга или за еден автор, но се и такви, и осврти и портрети и паралели и контекстуализации и размислувања, дилеми за некои пошироки феномени во литературата. Но она што ги обединува е токму тој мој хабитус, сите тие диптиси од по две оптики за одредени проблеми всушност, во сржта се во еден центар, а тој центар е еден стремеж компаративистички и културолошки да се проследуваат вредностите на македонската литература и култура и да се настојува колку што е можно тие да се афирмираат и пошироко и во европскиот и во светскиот контекст. И македонската литература да си го задржи она место што го има во мозаикот на различностите, на различно јазичните книжевни творештва. Таа компаративистичка етика и пристап мислам дека се препознава во сите мои трудови, текстови, прегледи, студии, есеи, портрети, но и оној сегмент кој во последен момент го додадов на крајот на книгата – два преводи од чешки на македонски“, посочи Стојменска- Елзесер.

На прашањето дали во Македонија има или нема критика таа со одговор, дека со години се провлекува една мисла, која доминира, а тоа е дека ние немаме книжевна критика. „Но колку книги со критики од мои колеги се напишаа, колку научни собири се одржаа, сè уште литературните, стручните списанија живеат. Но имаме толку голема продукција што критичарите, колку што ги имаме, не можат да постигнат сè да проследат. Притоа афинитетите на критичарите се различни, а секој писател сака да добие соодветно внимание од критиката. Мислам дека има подготвени и образовани критичари кај нас, но просторот каде што можат да се искажуваат се намали. Тој простор треба да биде поблизок до секој читател, а не само тоа да биде во стручни списанија кои ги читаа единствено критичарите меѓу себе, туку простор повеќе да има во медиумите, во публикации. Потребна е дневна критика која ќе го следи секој творечки изблик и ќе даде проценка, и таа треба да биде поагилна и да се развива. А не само да има афирмативна критика“, истакна Стојменска- Елзесер.

На конкурсот за наградата биле пријавени осум книги, а во потесниот избор биле „На полпат“ на Оливера Ќорвезироска и „Пандемија и постхуманизам“ на Иван Џепароски. (Н.И.Т.)