Димитар Апостолов е извонредно интересен млад човек за многу нешта. По професија е дипломиран преведувач по англиски и француски јазик, работи како логистика во транспортна компанија во Кавадарци, патува во егзотични дестинации, импресиониран е од Кина во секоја смисла, а во слободно време креира скулптури, десерти-неверојатни уметнички дела декорирани со прекрасни живи цветови кои се јадат. Вистинска фантазија од чоколадо, путер, бадеми…

За себе вели: Сакам да патувам и да стекнувам пријaтелства, искуства и да пробувам разни традиционални храни и кујни. Последните неколку години пред пандемијата патував низ Азија и сум фасциниран од нивниот начин на живот, а најмногу од храната и комбинациите кои тие ги користат и начинот на кој ја приготвуваат храната. Одгледувам и сакам многу цвеќиња и билки кои ги користам во храната. Љубител сум на уметноста и музиката.

Неговите ремек-дела од торти и колачи го “запалија” Фејсбук. Дали тоа е детска желба или можеби нешто што го научил подоцна?

–  Голем удел има љубопитноста и уживањето во храната. Од мали нозе бев опкружен со големи гурмани и мајстори во кујната. Не постои храна која не се нашла на нашата фамилијарна трпеза. Отсекогаш кон храната се приоѓаше со почит и уживање без разлика дали се работи за едноставен оброк или некој специјалитет. Секогаш се наоѓав индиректно инволвиран во готвењето, без никаков притисок се нудев за помош и се трудев што поумешно да копирам најмногу од мајка ми, кај која никогаш немаше умор за приготвување на храна. Така растеше и желбата со тек на време да се инволвирам во правење скришум на торти и слатки со цел да ги изненадам домашните. Нормално, во почетокот се трудев да се држам до оригиналниот рецепт и многу пати правев грешки, но ми остана правилото дека згрешено благо, барем на вкус, не постои, а за изгледот потребна е трпеливост и работа.Како мал омилени слатки ми беа брзи гонзалез и лепени чоколадни бисквити. Освен за вкусот, отсекогаш се трудев тоа да изгледа убаво и привлечно и за око. Наоѓав уживање во готвењето, кое мене до ден-денес ме носи во друг свет и работата во кујна е единствената макотрпна работа што никогаш не ме уморува, напротив ме одмара и ми ги оттргнува мислите од секојдневните работи  и проблеми, ни раскажа Апостолов.

Вели дека сака да експериментира, а основата и љубовта му се од мајка му, едукацијата од интернет, од книги за готвење и желба за ново и различно.

 

Неговите величествени торти често се украсени со свежи цветови. Нè подучи:

-Сите цветови не можат да се консумираат и најчесто украсувам со цветови кои се безбедни за консумирање, со свежи или суви зачини и нивните цветови. Се стремам тоа што го подготвувам да не се повторува, и со текот на времето секој поглед кон било кој продукт ми нуди инспирација. Освен кон храната имам голема љубов и кон цвеќето, па најверојатно и оттука идејата да ги соединам двете работи во убава хармонија за вкус и изглед.

На прашањето што за него е совршена торта вели:

– Тешко прашање. Гурман сум. Јадам сè и секакви комбинации. Омилени ми се оревите, темното чоколадо и вишните. Најчесто од овие продукти се состои секоја моја роденденска торта и секогаш е поразлична од претходната. Прилагодливоста на продуктите можеби е една и од најтешките работи, да има доволно и да не е премногу, што мене лично ми претставува предизвик на кој со цело срце сакам да одговорам.

Што му e сатисфакција?

– Крајниот резултат е одраз на работата што сте ја вложиле. Перфекционист сум и работам дури самиот не сум задоволен од тоа што сум го создал до степен кога нема да се запрашам, а да ставам тука ова или помалку од она. Сакам да е сè со мерка и да има мотив и умешност, да се види резултатот на дадената љубов и внимание кон храната, бидејќи само тогаш е и највкусна. Сатисфакција ми се задоволни лица и убави и искрени зборови! Секојпат кога правам колачи или торта сакам да дадам, поканувам блиски луѓе на дегустација и делам искуства за изработката, бидејќи често наидувам на прашања како е постигнат крајниот резултат. Предизвик ми се блиските и драги луѓе кои одбиваат одредени вкусови. Сакам да направам комбинација која ним ќе им се допадне со продуктот кој избегнуваат да го консумираат.

Сè што тој ќе направи го гледаме во групата “Здрава храна” на социјалните мрежи. Дали таквиот вид презентација е мотив?

– Како не! И многу повеќе од тоа. Групата е еден од „виновниците„ што ми дава мотив и поддршка да се усовршувам. Кога ќе се соочите со истомисленици, сродни души и луѓе кои исто толку уживаат во храната, сте го достигнале врвот. Преку групата стекнав доживотни пријатели, луѓе кои станаа дел од мене и секојдневното живеење. Искреноста за пофалба, па и критика, многучасовните дебати, идеи и совети кои ги разменуваме за време на средбите се бесценети.

 

Ни даде одличен совет – правила на кои се придржува при подготовка на торта.

 

– Потребна е добра организација на времето. Во слаткарството не може многу да се експериментира со мерките, нормално вкусовите можат да се комбинираат, но не и повеќето мерки. Тешко е секогаш сè да ви оди од рака. Во кујна се влегува смирен, без временски притисок. Тука постојат работи кои не смеете да ги избрзувате. Од искуство заклучив дека многупати добивате тоа што сте го дале, ако сте дале љубов и душа, ако сте смирени и принципиелно работите, добивате одличен резултат.

 

Каде ги дистрибуира?

-Засега најчесто од фрижидер во чинија (се смее). Но и на блиски роднини и пријатели. Имам почетнички обиди за професионален ангажман, но сè уште сум далеку од посакуваната цел.

РЕЦЕПТ

Чоколаден ролат

Кора:
10 белки, 150 г шеќер, 25 г нишесте, 300 г сечкани ореви

Се матат белките пенесто и постепено им се додава шеќерот со постојано матење. Откако ќе се раствори шеќерот се додаваат нишестето и оревите и нежно се меша со жица за матење.

Се става на хартија за печење и се пече 25 минути на температура од 170 степени.

Фил:10 жолчки, 150 г шеќер,100 мл млеко.Се вари со постојано мешање додека не добиете густа хомогена смеса. Се трга од оган и се додава 200 г путер, 30 мл рум, 2 лажици какао и 150 г исечкано темно чоколадо (50% какао делови).

Глазура:50 мл ладна вода, 50 г темнокафен шеќер,75 г маргарин,1½ лажичка нес-кафе. Се става на оган со постојано мешање дури да се добие хомогена смеса. Се трга од оган и се додава 150 г сечкано чоколадо од 70 отсто какао делови.

(Л.Г.Д.)