Во Европа, каде што пандемијата експлодираше кон крајот на февруари, светски познати луксузни марки во своите фабрики прават гелови за дезинфекција, маски за лице и друг вид заштитна опрема

Заради брзината со која реагираше да ѝ помогне на Италија во борбата со коронавирусот, славниот дизајнер Џорџо Армани го предводи конвојот наречен донации на модните креатори во светот против чумата на 21 век. Со 1,25 милиони евра тој даде силен импулс на светски познатите дизајнери во поттикнување за донирање и друг вид помош. Деновиве  и познатата светска куќа на Ралф Лорен објави дека ќе донира 10 милиони долари за да им помогне на погодените од коронавирусот. Компанијата, исто така, почна со производство на 250.000 маски за лице и 25.000 заштитни облеки за медицинските лица.  Станува збор за најголема донација од американска модна куќа дадена до сега. Минатата недела и познатата Есте Лаудер донираше 2 милиони долари за Доктори без граници и рече дека во една од нејзините фабрики ќе се произведува гел за дезинфекција за медицинските лица.

Досега одговорот на американската модна индустрија на коронавирусот беше предводен од независни дизајнери како Кристијан Сириано и Керви Жан Рејмонд. Сириано ги понуди своите тимови кројачи за шиење на маски, а Жан Рајмонд своето модно студио го претвори во центар за донации.

Во Европа, каде што пандемијата експлодираше кон крајот на февруари, луксузни марки во своите фабрики прават гелови за дезинфекција, маски за лице и друг вид заштитна опрема.

„Луј Вито“н донираше 40 милиони маски, а „Керинг“ од Кина купи маски во вредност од 3 милиони долари за да ги донира на француските болници. „Прада“ во Италија во една болница опреми цело одделение за интензивна нега.

„Сега повеќе од кога било, во ова време, поддршката едни на други стана нашата мисија“, вели славниот дизајнер Ралф Лорен. Тој ќе им обезбеди финансиска помош на своите вработени преку Фондацијата за итна помош за оние што се соочуваат со посебни околности. Дел од парите ќе бидат донирани и на Советот на модни дизајнери на Америка. Одбрани продавници на Ралф Лорен ќе бидат затворени привремено, а вработените сепак ќе бидат платени за време на затворањето.

На пандемијата од корона вирусот брзо реагираа и популарните пејачи: Ријана, Џастин Бибер, Лејди Гага, Блејк Лајвли, Рајан Рејнолдс.

Двојката Блејк Лајвли и Рајан Рејнолдс вети 1 милион американски долари за борба против корона вирусот. Омилениот холивудски пар е познат по тоа што често поддржува добротворни иницијативи. „Иако ние мора да сме во изолација да ги заштитиме оние кои немаат можност да го направат тоа… да останеме поврзани. Сите можеме да направиме нешто еден за друг, дури и ако тоа е многу едноставно, да останеме дома“, напиша Блејк на Инстаграм.

Козметичката компанија на пејачката Лејди Гага, Хаус Лабс, во март објави дека ќе донира 20 проценти од својата неделна заработка на лицата болни од корона вирусот во Њујорк и во Лос Анџелес. Истото го направи и Ким Кардашијан, која донира 20 проценти од приходите од нејзиниот бренд. Таа парите ги намени за програмата за реагирање во итни случаи COVID-19.

Неодамна фондацијата Клара Лионел на славната Ријана даде 5 милиони американски долари со цел да помогне на најранливите во САД, Карибите и Африка. Популарниот пејач Џастин Бибер донираше 29 000 долари од личните средства на Пекинг Чунмио Черити фондацијата, која им помага на децата кои се погодени од корона вирусот.