Дигитално реставрираната верзија на „Пеколот“ од 1911 ќе се прикаже во Кинотека

33

Дигитално реставрираната верзија на „Пеколот“, снимен во 1911 година според епот на Данте, ќе биде прикажана на 19 октомври во Кинотека

Во Кинотеката на 19 октомври, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан реткиот бисер од филмските архиви, италијанскиот нем, црно-бел филм „Пеколот“ (L’Inferno / Dante’s Inferno) од 1911, во траење од 71 мин, во режија на Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуро. Снимен е според Пеколот (L’Inferno), првиот дел од епот „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, кој е фундамент на модерниот италијански јазик и на новоевропската книжевност и култура.

Со проекцијата, Кинотеката и Амбасадата на Италија ја одбележуваат Неделата на италијанскиот јазик во светот, глобална манифестација која традиционално се одржува во октомври, како и 700-годишнината од смртта на Данте Алигиери. Проекцијата во Кинотеката ќе биде проследена со музика во живо во изведба на пијанистот Марио Маријани (Mario Mariani) од Италија.

„Пеколот“ се смета за прво големо класично дело на италијанската кинематографија. Режиран од тројца автори, е филм од жанрот на фантастичниот хорор и е составен од 54 сцени чија визуелизација е главно инспирирана од илустрациите на познатиот графичар Гистав Доре (Gustav Doré), француски сликар од 19 век. „Божествената комедија“ на Данте Алигиери е инспирирана и посветена на неговата голема љубов Беатриче Портинари (Beatrice Portinari). Епот на Данте Алигиери се смета за фундаментално дело на европската книжевност во Средниот век, а неговиот јазик подоцна станал основа на создавање на модерниот италијански јазик.

Филмот е сниман во филмското студио во Милано и во пејзажите на Ломбардија. За неговата реализација биле ангажирани стотина статисти и продуцентската куќа „Милано филмс“ (Milano Films) користела напредни специјални ефекти за тој период, па филмот доживеал голем публицитет во јавноста и пред неговата премиера. Филмските хроничари како најзаслужен за успехот ги посочуваат тогаш иновативните методи на дистрибутерот Густаво Ломбардо (Gustavo Lombardo), кој продавал ексклузивни авторски права за поединечни територии во Италија и во европските земји. Некои негови атрактивни сцени подоцна биле инспирација (некои биле и копирани) во низа холивудски и европски филмови и во звучниот период на филмот.

Во 2002 година филмот е реставриран, а една негова верзија е дистрибуирана со музиката на електронскиот бенд „Tangerine Dream“ од Германија, основан во 1967 од музичарот Едгар Фрезе (Edgar Froese).