Дивото ѓубриште нема да стане регионална депонија

176

„Стоп за Русино-чист воздух за Гостивар“ утре, во 17 часот повторно ќе протестираат пред општинската зграда на Гостивар, а ја спуштија и рампата пред депонијата и не пропуштаат ниту камиони со смет од Гостивар.

Како што истакна Валентина Штерјовска од „Стоп за Русино-чист воздух за Гостивар“ причината за тоа е што на дневен ред на Советот на Општина Гостивар  е ставено на гласање одлуката за избор на Управен одбор и да почне да функционира претпријатието за управување со отпад во Полошкиот регион, со цел дивото ѓубриште „Русино“ да стане регионална депонија официјално и на хартија.

Освен тоа тие се револтирани и од изјава за министерот за животна средина, Насер Нуредини дека Русино ќе биде депонија уште 10 наредни години.

-„Стоп за Русино“  има став дека векот на дивото ѓубриште е поминат и не е економски исплатливо било што да се инвестира, едно такво ѓубриште да стане регионална депонија на многу кус рок. Се сомневаме дека ова е обид „Русино“ засекогаш да остане регионална депонија. Нашето барање е многу легитимно и веќе е разговарано со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање дека е реално да се инвестира во нов проект во Полошкиот регион, дали тоа ќе биде нова локација или современа фабрика за преработка на отпад – изјави Штерјовска, потенцирајќи дека стратегијата на Македонија е регионалното управување со отпад да се обезбеди трајно и на долг рок.

Таа додава дека „Стоп за Русино“ бараат да се најдат средства да се санира еколошката бомба „Русино“.

-Минатото ѓубриште „Сушички мост“, кое е близу „Русино“, е затворено, но не е санирано и сè уште постои како еколошка катастрофа и чади. Ова е уште еден црвен картон пред отворените поглавја на ЕУ чии насоки се да се затворат и санираат дивите ѓубришта – заклучи Штерјовска.

Ова ќе биде трет протест на „Стоп Русино“ кои неколку пати ја продолжуваат и блокадата на депонијата со рампа, не пуштајќи камиони со смет од другите градови, а сега ниту од Гостивар.

(А.П.)