Актуелниот шампион во НБА-лигата, екипата на Лос Анџелес Лејкерс, сака да создаде дрим-тим со кој повторно ќе ја нападне титулата, а како приорететна цел е донесување на грчкиот ѕвер – Јанис Адетокумбо. Гркот е двоен последователен МВП-играч во НБА-лигата, па желбата на „езерџиите“ е сосема разбирлива.

За да успеат во нивниот план, а според новинарот Брајан Виндхорст, кој е близок до актуелниот шампион, двете најголеми ѕвезди во тимот, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, ќе треба да потпишат значително помали договори.

Дејвис се повлече од сегашниот договор и реши да стане слободен агент. Тој го стори тоа за да ја разгледа новата понуда на Лејкерс, но и планот за во иднина.

Во меѓувреме, Милвоки му нуди на Јанис шестгодишен договор вреден над 250 милиони долари, а доколку не потпише, ќе стане слободен агент следната сезона.

Во тој случај, Дејвис би потпишал едногодишен договор со Лејкерс со можност за продолжување на уште една година.

Леброн Џејмс, пак, наредната сезона би излегол од максимален договор затоа што ја има таа опција во која значително би му ја намалила платата, исто како и Дејвис.

На тој начин, двете ѕвезди на Лос Анџелес Лејкерс би го ослободиле буџетот за Адетокумбо, а според многумина, тоа би бил најсилниот тим на сите времиња, посилен и од оној кој своевремено го имаше Чикаго предводен од Мајкл Џордан.