ДЕЈАН ЛИЛИЌ: И театарот има ”црни листи” и предавници   

1268

Со  филмот “Стела”, форматиран како семеен, во режија на Стојан Вујиќиќ, а во продукција на Дрим фектори синоќа беше отворено новото издание на фестивалот за филмска уметност “Синедејс”. А во него, во главната улога Дејан Лилиќ, онака како што сме навикнале да го гледаме – актерски ангажиран, ненаметлив, со извонредно чувство за мерка. А одамна не сме го виделе таму каде што му е местото – на театарската сцена. Освен во една претстава, сега кога е во полна актерска зрелост забележливо е неговото отсуство, откако  од репертоар се симнати неколку претстави во кои тој игра главна улога (по кои и се паметат многу од претставите): Хамлет, Генетика на кучињата, Соларис… Еден од водечките актери кај нас, човекот што како директор го отвори обновениот Македонски народен театар, со Лилиќ зборуваме за т.н. “црни листи” во театрите, за корона-пандемијата, уметниците и вредностите, за драмите во кариерата…

Кога дeвијациите се природна појава

Синоќа со филмот “Стела” беше  отворен  „Синедејс“. Претпоставувам дека твојата возбуда не е мала, имајќи предвид дека првпат се соочи со филмот. Што очекуваш?

Нема поубаво чувство да се претставиш на своите, на нашите, на домашната публика, на наш фестивал. Секогаш сум ги сакал многу нашите продукции, нашите претстави и филмови, нашето, создадено овде и од нас. „Синедејс“ е голем фестивал, наш е, но е светски. Чест ми е што имам премиера на отворањето, но и што имам филм кој е на затворањето на овогодишното издание. Особено зашто ги почитувам и ги ценам луѓето што го создале, оние што работеле на него порано и овие што сега го водат.

Што се однесува до филмот, очекувам да ги пренесе истите емоции што ги имавме и додека се подготвуваше и додека се снимаше. Многу љубов, другарска поддршка, семејна топлина, но и надеж дека ќе поттикне размислувања за тоа каде и како се развиваат нашите деца, во какво општество, во каква околина, кои се вистинските вредности и кој е патот за тие правилно да се развијат. А тоа исклучително многу зависи од нас, од родителите, луѓето кој добија прилика да делуваат со светот.  Околу нас, да не се лажеме, има премногу лицемерие, лажни пријателства, нечесни луѓе, себичност, егоизам и фокус на материјалното. Многу малку насмевки, малку вистински подадени раце, многу завист, љубомора и алчност. Како на децата да им се објасни дека тоа не е вистинска вредност кога околината во која живееме изобилува со сето тоа. Речиси никаков контакт со духовните вредности, природата, човечката суштина. Во таков свет девијациите се „природна појава“, а вистинските вредности стануваат банални. Лажни рол-модели кои се распаѓаат на првиот предизвик како исечоци од хартија на пролетен дожд. Светот таков не може да функционира, тоа и ни се докажа изминативе месеци. И ако не се освестиме ќе биде катастрофално и за нас и за идните генерации.

“Стела” се смета за прв македонски семеен детски филм кој промовира неколку вредности: љубов, ненасилство, мир…. и т.н. Лилиќ прв пат во еден таков филм со исклучително тешка улога (90 отсто репликите на германски јазик). Што беше најтешко во процесот на создавање на филмот: јазикот, градењето на ликот или…?

Не ми е прв пат да работам филм во кој не го зборувам својот јазик. Тоа е навистина голем предизвик, но е исклучително тешко особено во сценарио какво што е “Стела”. И особено со лик со кој се соочив. Внатрешна експлозија на емоции, на минато, на непредвидена иднина, со огромна љубов кон своето дете, кон своето семејство и со празнина која ја носи од својата татковина.. Сето тоа треба да се спакува во еден хабитус и да се артикулира на јазик кој не ми е познат – германски јазик. Исклучително тежок, но неверојатно убав. Пред себе имав комплексен и слоевит материјал, многу емотивни нијанси, една мачна историја на човек кој го напуштил своето огниште, а не расчистил со минатото, кој се соочува со поинаква култура и начин на размислување, скриени и затскриени емотивни состојби и ситуации. Сето тоа ви дава море на патеки и правци. Како морето на Станислав Лем. Понекогаш реалните слики се проекција на потребата, а потребата е реалност.

Но, имав среќа што Стојан Вујиќиќ беше режисер на овој филм. Извонредна, спокојна и квалитетна соработка. Бев релаксиран во однос на изразот, особено со германскиот јазик, па природно си дојдоа сите варијации, емотивни состојби, точни и прецизни потези. И повторно се докажува дека заемната почит, верба и доверба се основа за успешна и квалитетно завршена работа. За жал, во мојот живот сум имал и Јаговци и Полониевци, но тие како балони од сапуница исчезнуваат, не ме допираат, а ме прават посилен. А кај ќе им одат нивните души тие нека му ја мислат. Јас и понатаму цврсто верувам во човечноста.

Ракурсот на филмот е односот маж-жена-семејство, односно кога имаш семејство не си веќе сам. Дали можеби филмот дојде во вистинско време во твојот живот, и колку твојата приватна состојба придонесе за подлабоко чувствување на сценариото?

Постојат примери и кога имаш семејство да си сам и обратно, да немаш семејство, а да не си сам. Можеби е најстрашно да живееш во заедница, а да се чувствуваш осамен. Александар, ликот што го играм, е напуштен од најблискиот што му останал, од својот татко. Тој „пораз“ го носи со себе цело време. Гнев, тага, лутина, напуштеност се само некои емоции што се врежани во него, но во исто време и аларм за односот со својот син, како нешто кое е неправилно, нечовечно, нетатковско, нешто кое мора тој да го закопа за никогаш да не се повтори. И затоа е бескрајно предаден, можеби и презаштитнички настроен.

Верувам дека сите поминале по некое предавство од блиски луѓе, од „пријатели“ и „другари“. Горе споменатите Јаговци и Полониевци се само честички од полен кој постојано ги има, па кога ќе сфатиш дека си алергичен на нив само треба, народски кажано, добро да ги „исекнеш“ и да продолжиш да дишеш, а тие посекако со своите валкани души ќе завршат во некоја канализација за да се трујат самите и меѓусебно. Секогаш можат карактерите да бараат одговорност од Иванов, но на крајот кога доцна во ноќта ќе останат сами со својата совест самите ќе се изедат полека но сигурно, дури ни Чехов нема да може да им помогне.

За среќа, јас имам партнерка од која добивам бескрајна љубов и поддршка. Имам семејство од кое црпам радост, спокој и убавина. Тој баланс, тој здрав однос, тоа чувство дека си на небо, а истовремено цврсто долу на земјата ми дава сила, радост за животот, моќ за работа и творештво. Ме прави среќен и сигурен дека сум на вистинскиот пат со вистински луѓе околу мене.

 Филмската уметност сигурно влијае врз градењето на профилот на еден актер, но колку тоа искуство на филмското платно го олеснува или отежнува актерството на театарската сцена?

Единствената разлика е во изразот. Важно е и во двата медиуми да си полн, да не фолираш, да имаш енергија и емотивен набој. Ако си празен, лажен и не си искрен – нема да поминеш. Јас уживам и во едното и во другото. Многу често во последните години ги преплетувам изразите, случајно или намерно ми доаѓаат токму такви проекти каде што едниот и другиот медиум се во симбиоза. И на сцена може да се направи крупен план, како што и во филмот „театарската живост“ е присутна. Тоа ми се случуваше последните години и во Австрија и во Србија и во Црна Гора.

Ја губиме театарската публика

По твоите извонредни ролји останаа запаметени многу театарски претстави кои станаа македонски репрезент за театарското творештво во меѓународни рамки. Колку сега, имајќи ја предвид корона-состојбата има застој во тие комуникации и како тоа влијае на личната кариера?

Се чувствува тоа, тешко одат договорите, се одложуваат фестивали во регионот, но и малку подалеку од овие простори. Два меѓународни фестивали во кои сум во организационите одбори се одложија за следната година. Отворањето на престижниот фестивал Месс во Сараево, кој требаше да го отворам со претставата Иванов на ЦНП постојано се пролонгира. Театарската претстава во Бугарија ме чека од март оваа година, кога ќе се реализира – никој не знае. Филмски проект во Русија, проект во Србија… Но, сепак, комуникацијата со театрите и фестивалите не е запрена, барем мојата лична. Постојано се следи ситуацијата, паѓаат предлози, се договараат работи кога и како да се продолжи со полна пареа. Мене лично во иднина ме чекаат проекти и театарски и филмски, но и вирални. Жално е само што сите се надвор од мојата татковина. А зошто? Прашањето нека го одговорат тие што ме ставаат на нивните „црни листи“.

Освен ковид-19, последниве години евидентно е паѓањето на критериумите за вистинските културни вредности, а на сметка на тоа  широко афирмирање на некои нови – квази. Колку тоа влијае врз театарската уметност, но и врз градењето на театарскиот репертоар? Има ли театарот методи за да се одбрани од таквата наезда?

За жал, има последици. И ќе останат трајни последици на кои ќе им треба многу време за да зацелат. Влијае тоа и на театарот и на репертоарот, но најмногу на сегашната и идна театарска публика која ја губиме, полека исчезнува. Театарските сцени, гримиорните, завесите, столчињата не можат сами да се одбранат од тоа. Таа борба ни е оставена нам, на живите духови. И колку се почесни методите, толку почесен ќе ни биде театарот. Нема простор во уметноста за одмаздољубивост, за „црни листи“, за отфрлање на квалитетни проекти или пак виза за луѓе кои му се поклониле на локалниот шериф. А кај нас токму тоа се случува. Мене ми се одбиваат константно проекти оценети со највисоки оценки од странски организации. Немаше слух ни првиот ни вториот министер за култура, ниту пак заменикот кој наводно се залагаше, ниту пак нивните советници. Лажни фигури на погрешни места. Се надевам дека новата министерка за култура ќе има повеќе слух и нема да ја водат партиски бои во одлуките.  И сето тоа ќе имаше „некаква логика“ ако во времето кога бев директор на МНТ и кога имав можност да одлучувам за работите во културата го правев истото. Никогаш не сум фрлал проекти по ходници со закана дека нема да работат, а на моите проекти тоа им се случува. Напротив, сум им пружил рака на квалитетните и добиле можност да работат без разлика на националната или политичката припадност. Дури и кога некои културни работници биле во политичка конфронтација со тогашната власт, јас сум им наоѓал засолниште во театарот за да се реализираат како уметници и да ги кажат своите ставови.

 Не се предавам пред предизвиците

Сите ние нешто научивме од пандемијата. Што те научи ова време?

Јас никогаш не се предавам. Секогаш сум бил подготвен за различни предизвици. Веројатно затоа што животот никогаш не ме галел. Имам историја за пишување, за драми, претстави, филмови, случки колку што сакаш. Многу предавници околу мене, на кои сум им помагал и сум бил тука за нив кога им било потребно и тешко. Но не би биле „луѓе“ ако не се повтори приказната со мудрецот и шајките во дрвото. Ама ако. Јас духот не го губам. Не можат да ме скршат, напротив.

Пишував, креирав идеи, магистрирав на Правниот факултет, ме чекаат идни проекти, се обучив за работи кои се дијаметрално спротивни со мојата основна професија. Три основни нешта за кои никогаш никому не би му паднало на ум. А знам дека во наредните пет години тоа ќе вроди со плод, а потоа ќе се вратат и кабаетлиите. Но, никогаш веќе ништо нема да биде исто.

И најважно од сè. Семејството. Уживав со семејството, секојдневно. Во целата тежина, стиснатост, во сите наметнати граници и ѕидови, ја најдовме бескрајната широчина. Создадовме наш свет кој почнавме да го градиме во овие услови.

Лилјана Грџо Дамовска