Децата седете си дома, да не имате проблем со дишење!

90

Владата  доцна поладне се сети и на учениците. Донесена е итна мерка за продолжување на зимскиот распуст за два дена, односно заклучно со 22 јануари (вторник), поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови.
Поради отровниот воздух особено во Скопје, Тетово, Битола и Струмица, Владата го вклучи црвениот аларм и ги активира мерките и препораките против загадувањето. Со мерките, од вчера автобусите возат бесплатно, препораки има за бремените жени и стари и болни лица …
Скопје во саботата на полноќ беше најзагаден град во светот по аерозагадувањето. Веднаш по него биле градови од Индија, Пакистан и Бангладеш. На петтото место на листата е главниот град на Косово – Приштина.

 

 

Воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Струмица изминативе денови е енормно загаден поради што Владата го вклучи црвениот аларм и ги активира мерките и препораките против загадувањето.
Скопје во саботата на полноќ беше најзагаден град во светот по аерозагадувањето. Според мерењата на Специјализираната интернет страница за следење на воздухот „Ер вижуал”, индексот на загадување во Скопје, во еден часот по полноќ бил 430. Со тој индекс на загаденост, Скопје бил на врвот на листата, а веднаш по него биле градови од Индија, Пакистан и Бангладеш. На петтото место на листата е главниот град на Косово – Приштина.
Прагот на ПМ-10 честички надминати и во Битола на мерното место Битола 2, потоа и Тетово и Струмица. Во Битола среднодневната концентрација на ПМ10 изнесувала 266,92 грама на кубен метар, а завчера 267,08 грама на м3, во Тетово 196,61 грама на м3 на 17 јануари, а завчера 201,20 грама на м3, додека во Струмица 276,41 грама на м3 на 17 јануари, а завчера 300,68 грама на м3.
Поради енормната загаденост на воздухот Градот Скопје одлучи од вчера на пладне да важи бесплатното користење на јавниот превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници. Од вчера е поскапено и паркирањето во центарот на Скопје.
– Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност. Ги повикувам сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност. Исто така,
цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи се до престанокот на итните мерки – изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салуху кој упати апел до градската администрација, вработените во јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
Овие мерки се преземаат по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот минимум, односно над 188 μг/м3 на мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат.
– Град Скопје ја интензивираше контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена” да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје – нагласи Салуху.
Тој ги повика градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
– Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот. Исто така, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Бараме од МВР да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација, но и да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот. Ова не е битка што ја водиме само денес. Град Скопје работеше цела година на 25 нови мерки против загадувањето кои ги немаше претходната градска администрација, а кои беа иницијативи на стручната и граѓанската јавност, препораки во студиите за загадувањето. Не можеме сами во оваа битка, потребна е поголема вклученост и на другите институции и на граѓаните – кажа Салиху.

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Да им препорачаат на правните субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемените активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерството за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените домови и единиците на локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 отсто) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

 


Зимскиот распуст за сите ученици продолжен за два дена

Владата на Република Македонија  доцна поладне се сети и на учениците. Донесена е итна мерка за продолжување на зимскиот распуст за два дена, односно заклучно со 22 јануари (вторник), поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови.
-Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Република Македонија, а истата е донесена  преку итна координација на Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство.Продолжување на траењето на зимскиот распуст за сите ученици ќе трае во времетраење од два дена, заклучно со вторник, 22 јануари 2019 година. Училиштата ќе бидат во функција, учениците нема да посетуваат настава во наведениот период, соопшти Владата.
Во овој период Владата, пред сé Министерствтото за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство, ќе ја следат состојбата врз основа на која, а во координација со Министерството за образование и наука, ќе одлучат околу времетраењето на продолжувањето на зимскиот распуст.

 

 ДС : да се откријат загадувачите на Скопје

Демократскиот сојуз ги повикува надлежните државни институции да направат вонредни контроли над индустриските капацитети, како и над Депонијата ДРИСЛА, се со цел да се откријат загадувачите на воздухот.
– Според податоците од мерните станици, најзагадено е во Драчево, Кисела Вода, Црниче, Сопиште итн., каде досега немало такво загадување. Воедно инсистираме овие контроли да бидат зајакнати и континуирани во текот на викендите и празничните денови. Треба јавноста да биде информирана за степенот на загадувањето и да се даваат насоки за заштита на сите граѓани, посебно на децата, постарите лица и ранливите категории (хронично болни и сл.) – велат од Демократскиот сојуз.

(С.Бл.)