Децата од интернатот во Љубанци ја живеат празничната еуфорија

111

Овие деца на возраст од 6 до 14 години доаѓаат од семејства со нарушени односи, па вработените од интернатот, во рамките на ОУ „Гоце Делчев“ во Љубанци, прават сè за овие деца да ја почувствуваат сета грижа и внимание и да им ја пренесат празничната еуфорија благодарение на донациите од хуманите луѓе и организации

Малку треба за да се види насмевка на нивните лица, а нивните очи да заблескаат. Деновиве децата кои се згрижени во рамките на интернатот на ОУ „Гоце Делчев“ во селото Љубанци се радосни, а нивните срца се исполнети со топлина кога нетрпеливо и забрзано ги отвораат новогодишните подароци од добрите хумани луѓе кои заедно со вработените и воспитувачите во оваа институција, но и Општина Бутел настојуваат да им ја пренесат празничната еуфорија.

Потврда за тоа се и двете елки накитени со лампиони, кои се донација на дарежливи граѓани. Не изостануваат ниту дедомразовците кои ја дополнуваат празничната атмосфера.

Со своите воспитувачки децата изработуваат новогодишни украси, а една жена се понудила да донесе намирници и калапи и заедно со нив да направат убави празнични колачиња со нивните мали вредни рачиња, додека други им донираа кифлички, лепчиња и други тестенини.

Директорката на ОУ „Гоце Делчев“, Силвана Терзиева вели дека прават сè за овие деца да ја почувствуваат сета грижа и внимание, бидејќи нивните родители не се во состојба да им ги обезбедат ниту основните услови за живот.

– Родителите на овие деца немаат средства да ги издржуваат, па затоа тие се згрижени овде преку Центарот за социјални работи на Град Скопје. Тие се сместени во интернатот во согласност со двајцата родители или старатели – објаснува Терзиева.

Таа додава дека и средствата што ги дава државата за нив, по 4.000 денари за секое дете се многу малку, па затоа вели успева со донации, благодарение на хуманите луѓе, организации да им го надополни она што им недостасува и да бидат весели и како сите останати да ја почувствуваат магијата на новогодишните и божиќните празници.

Децата се на возраст од 6 до 14 години и учат во училиштето „Гоце Делчев“ во чии рамки е и интернатот.

Тие имаат голема поддршка и од Општина Бутел која за Нова година им даде јакни и пакетчиња, нова спортска опрема и бесплатен тренинг во таеквондо-клубот „Гоце Делчев“ во училиштето. Исто така децата добија и топли обувки, а на нивно барање во најбрзо време ќе добијат и конзула за играње и нови компјутери.

Но од Општина Бутел, исто така, редовно ја плаќаат и потрошената струја, сметките за вода, за греење, а кога има потреба помагаат и со храна. Но, има и многу добронамерни граѓани кои сакаат да помогнат.

– Среќна сум што сè уште постојат луѓе кои излегуваат во пресрет. Жена од Берово по карго испрати елка со лампиони, а, исто така, жена од Штип испрати хигиенски средства, тетратки и чорапчиња. Човек од Бутел за децата донираше комплетчиња фармерки и блузички , додека друга жена пижами за секое дете. Кога ги добија пижамите на нивната среќа и немаше крај. Беа нетрпеливи и веднаш ги облекоа истиот ден за спиење. Тоа задоволство не може да се опише со зборови  – раскажува Терзиева.

И пицерија од Аеродром донирала пица, вафли и пакетче за секое дете.

Но, кога ќе помине оваа претпразнична еуфорија, овие дечиња за празниците си заминуваат кај своите родители и ќе споделат дел од донациите со нив за празничниот ручек или вечера. Правилата налагаат децата за викендите, за време на зимскиот и летниот распуст и за празниците да си одат кај своите семејства.

Како што информираше Терзиева откога таа е директорка, односно од 2009 година, интернатот е реновиран. Тој иако има капацитет за 60 деца, во него сега престојуваат само околу десетина.

– Има пет соби и посебен тоалет за девојчиња, а одделно за момчиња, опремени со туш-кабини. Сменети се прозорците и вратите. Има занимална каде децата учат и ги пишуваат домашните работи. Со нив работи и психолог и дефектолог бидејќи доаѓаат од семејства со нарушени односи, а двајца воспитувачи се постојано со нив. Освен тоа има и дневна соба, која исто така е донација, каде тие гледаат телевизија и се забавуваат. Во нивните спални соби сега има двокатни дрвени креветчиња наместо досегашните железни. Има и кујна каде на децата им се подготвуваат трите главни оброци, а имаат и ужина – вели Терзиева.

Овие деца се многу убаво прифатени и од нивните соученици, но и од околината, односно селаните.

– Нивните другарчиња од училиште им помагаат, па дури и одат на гости кај нив и добиваат подароци од нив – нагласи Терзиева.

Нејзината желба е интернатот да работи и сабота и недела.

– Не е исто кога одат дома и кога се грижиме овде за нив – додава Терзиева.

(А.П.)