Дефиле за 77 години постоење на Црвен крст на град Скопје

101

Дефиле на хуманоста, со мото „За Скопје со љубов“, се организираше попладнево  по повод 77 години од основањето на Црвен крст на град Скопје.  Вработени и волонтери на Црвен крст на град Скопје и на петте општински организации, корисници на услуги и негови соработници дефилираа по улиците „Кочо Рацин“ и „11 Октомври“ до плоштадот „Македонија“.

На плоштадот имаше штандови и касичка за донации за Клиниката за хирургија – Ургентно одделение за набавка на наменска количка/плакар за чување и транспорт на лекови.

Црвениот крст на град Скопје (ЦКГС) е основан во 1945 година. Дел е од Црвениот крст на Република Северна Македонија и со тоа  дел од Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Ги координира општинските организации на Црвен крст на територијата на Скопје. Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје, изјави дека организацијата е секогаш во служба на граѓаните на главниот град и, како што рече,  ќе направат сè за да може да ги задоволат потребите, пред сè, на ранливите целни групи.

-Сите заедно, волонтери и корисници, сите оние кои ги користат сервисите на Црвениот крст, денеска направија дефиле на хуманоста. На овој начин сакавме поблиску да ги доближиме граѓаните на нашиот град до Црвениот крст и сите заедно да ги слушаме потребите на заедницата на градот како би можеле да креираме сервиси со цел нашето  Скопје да биде за сите убаво место за живеење. И во иднина Црвениот крст на град Скопје ќе биде во служба на хуманоста, а тоа значи дека сите социјално-хуманитарни сервиси и сè она што ќе значи поддршка на младите и активностите за лица од трето доба ќе бидат цел во наредните пет години, изјави Тунева-Пауновска.