Актуелниот шампион на Италија, тимот на Јувентус, преку официјално соопштение ја потврди информацијата дека централниот дефанзивец, Даниеле Ругани, бил позитивен на тестот за ковид 19. Репрезентативецот на Италија не беше во комбинација за првенствениот дуел против екипата на Интер, но по натпреварот, заедно со останатите фудбалери ја прославувал победата од 2:0.

Од таборот на „старата дама“ потврдија дека сега сите останати играчи се во карантин, но не и најголемата ѕвезда, Кристијано Роналдо, кој моментално е во Португалија и не може да се врати во Торино.

  • Фудбалерот Даниел Ругани е позитивен на тестот за ковид 19 и веќе е започнато болничкото лекување. Јувентус веднаш ги примени законските процедури и ги изолира и остнатите фудбалери, вклучувајќи ги и тие кои биле во контакт со Ругани, стои во официјалното соопштение.

И покрај фактот дека цела Италија е блокирана поради коронавирусот, тимот на Јувентус го одработил утринскиот тренинг, а тоа значи дека цела екипа и стручниот тим имале поголем или помал контакт со заразениот Ругани.

Само неколку часа подоцна, од таборот на Интер потврдија дека се прекинуваат сите клупски активности и дека целата екипа, како и стручниот штаб ќе бидат во карантин затоа што во неделата го одиграа дерби натпреварот против Јувентус.

Иако Ругани целиот натпревар го преседе на клупата за резервни фудбалери постојат индикации дека имал некаков контакт со игарчите на Интер и со противничкиот стручен тим.