Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска ја посети градинката „11 Октомври“ во општина Бутел. Заедно со градоначалникот Велимир Смилевски го разгледаа делот кој е реновиран и со проширен капацитет и со зголемен опфат за дваесетина дечиња.
– Како министерство се грижиме да ги поттикнеме локалните самоуправи да инвестираат во детската заштита, но и како Владата инвестираме во нејзин развој, а особено во инфраструктурата во градинките. Вложивме повеќе од 180 милиони денари само за доградба, реконструкција, проширување и изградба на градинки. Дополнително за наредната година се планирани 105 милиони денари за инвестиција во инфраструктура во детска заштита – рече Царовска
Таа истакна дека освен на подобрување на инфраструктурата, паралелно се работи и на јакнење на капацитетите на вработените во градинките и на нивна мотивација.
-Платите во градинките беа на лошо ниво, рече министерката и потенцира со последното зголемување платите во просек во оваа дејност се зголемени за 5.700 денари само за две и пол години.
Градоначалникот Смилевски истакна дека општина Бутел во изминатите две години, со поддршка и на МТСП, сериозно работело на решавање на сите проблеми во градинките.
– Како општина во изминатите две години потрошивме повеќе од 19 милиони денари за реновирање и потребна опрема за детските градинки и децата – рече градоначалникот и најави дека во наредните две години ќе се изгради нова градинка, а сите останати објекти ќе бидат средени.