Деспотовски: За секое евро што го дава државата компаниите вложуваат свое евро

За комерцијализација иновации засега пари ќе добијат 30 компании, а вкупниот буџет за оваа мерка е 5 милиони евра. Директорт на ФИТР, Јован Деспотовски очекува со ребалансот да се добијат дополнителни средства за оваа мерка, односно да се зголемат на 12,5 милиони евра, а бројот на компании кои ќе бидат поддржани да се прошири на 75 до 80

105

Рекорден број апликации, 487 или два до три пати повеќе од лани се доставени на повикот за комерцијализација на иновации. Како што рече директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, пари ќе добијат 30 компании, а вкупниот буџет за оваа мерка е 5 милиони евра. Тој очекува дека со ребалансот да се добијат дополнителни средства за оваа мерка, односно да се зголемат на 12,5 милиони евра, а бројот на компании кои ќе бидат поддржани да се прошири на 75 до 80.
– Ова е прв јавен повик што го реализираше Владата заедно со Светска банка со комбинирани средства. Досега програмите беа одвоени. До 2017 година беа исклучиво од Светска банка, а од лани стартувавме со план од економски раст кој го реализираше Владата, истакна Деспотовски.
Вкупниот планиран обем на инвестиции од инструментот за комерцијализација што ги доставија фирмите беше околу 105 милиони евра. Од нив 70 беа побарувани од Фондот, а 35 милиони од сопствено кофинансирање на компаниите. Во процесот на евалуација, бројките се менуваат, согласно препораките за реструктуирање на буџетите што ги дава Комитетот и намалување на одредени ставки.
– Во моментов, односот на кофинансирање е 55:45. Тоа значи дека речиси за секое евро што го дава државата компаниите вложуваат свое евро, додаде директорот на Фондот.
Деспотовски појасни дека 137 компании кои аплицирале на овој повик добиле препораки да се пријават на наредниот јавен повик за технолошки равој кој ќе биде објавен во октомври. (А.С.)