Десничар прогласен за виновен за нападот врз Конгресот

23

Основачот на ултрадесничарската група „Чувари на заклетвата“, Стјуарт Роудс, е осуден за организирање заговор за поништување на победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД.

Поротата во Вашингтон синоќа го прогласи Роудс виновен за бунт, по речиси двомесечното судење што ги откри намерите на екстремно десничарската група по секоја цена да го задржи републиканецот Доналд Трамп во Белата куќа.

Роудс беше ослободен од другите две точки од обвинението.

Самиот Роудс не влезе во американскиот Капитол на 6 јануари, но е обвинет дека водел заговор што започна непосредно по изборите во 2020 година, со цел да иницира вооружен бунт за да се запре трансферот на претседателската функција.

Пресудата претставува важен чекор за американското Министерство за правда и најверојатно ќе го отвори патот за Обвинителството да продолжи со судења на други бунтовнички екстремисти.

Пресудата најверојатно ќе ги охрабри истражителите чија работа се прошири надвор од истрагата за лицата кои извршија упад во зградата на Конгресот. Тие ќе се фокусираат и на други лица поврзани со обидите на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година.