Дескоска контра Филипче: Барајте си други начини да ги едуцирате родителите за вакцините – децата мораат во основно

134

Ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем – порачаа од Министерството за образование во април минатата година. Во изјава за ТВ 24 од кабинетот на тогашната министерка за образование Рената Дескоска, сега актуелен министар за правда истакнале дека вакцината не може да биде услов за упис во градинка и училиште. Тогаш излегоа со порака до здравствените власти – да најдат други механизми со кои ќе ги едуцираат родителите и ќе го зголемат опфатот на имунизација.

– Во Уставот на Република Македонија, е наведено дека основното образование е задолжително. Ова значи дека ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем. Потребни се мерки и кампањи од едукативен карактер за придобивките од вакцинацијата, советувања за родителите кои не ги вакцинираат своите деца, но и санкции, истакнаа од Министерството за образование за ТВ 24 во април минатата година.

Сега повторно се актуелизира проблемот со имунизацијата, откако беше воведена епидемија на морбили на територијата на Град Скопје. Во градинките се примаат само вакцинирани деца, а во Скопје се спроведува масовна имунизација на деца против морбили. Само во два дена од прогласувањето на епидемијата, во Скопје се вакцинирале неколку стотини деца.

Министерот Венко Филипче во интервју за Вечер вели дека непримањето деца во градинка е времена мерка согласно законот за заштита на населението од заразни болести и се препорачува кога има епидемија. Кога нема епидемија важат законските прописи кои во овој момент велат дека согласно правилникот за имунизација секое дете за да биде примено во градинка или во училиште мора да даде потврда дека е вакцинирано. Доколку нема таква потврда или доколку родителот одбие вакцинација тогаш може Државниот санитарен и здравствен инспекторат да преземе постапка против родителите и е предвидена казна од 300 до 650 евра заради тоа што не сакаат да го вакцинираат своето дете. Сметам дека вака како што е сега законот е апсолутно недоволно строг на некој начин што всушност ова што сега ни се случува и го докажува сето тоа. Сметам дека треба да преземеме искуство од други земји кај што имаше вакви сценарија како што се Франција, Италија, Финска, Германија и во опкружувањето Србија и Романија. Разговаравме со Израел кои исто така го имаат овој проблем. Тие вовеле задолжителна имунизација, а во градинка или училиште може да се запише дете кое е вакцинирано“, вели Филипче.

На прашањето дали е неопходно е да се измени законската регулатива и дали тоа ќе донесе резултат бидејќи има и родители чии деца немаат примено ниту една вакцина, Филипче вели дека тие се многу малку на број.

„Фактите велат дека за другите вакцини опфатот е голем како што се тетанус, Ди-Те-Пер …проблем е само оваа за морбили, паротит и рубеола. Тоа што излегува во јавните мрежи се парамедицински информации и во најголем број случаи се лажни вести кои ги изнесуваат луѓе кои немаат ништо со медицината. Несериозно е да ги коментираме пишувањата кои излегуваат во јавните мрежи, бидејќи само создаваат паника“, истакнува Филипче во интервјуто за Вечер.