Десет години ја пренесуваат традицијата на акцијаштвото и доброволното работно ангажирање на младите

69

 По тој повод, на 14 февруари 2023 година, со почеток во 18 часот, во просториите на Здружението во клубот „Галеб“ на влезот во Општина Гази Баба ќе се одржи свечена академија. Во рамките на одбележување на јубилејот ќе се одржат и придружни активности, како што е акцијата за средување и уредување на дворот во пензионерскиот дом во Топанско Поле, каде што ќе бидат посадени и 10 зимзелени садници како симболика за десетгодишното постоење.

Членови на ова здружение се некогашни млади бригадири-акцијаши, кои во минатото изградија илјадници патишта, пруги, мостови, хидроцентрали, пошумија голем број планини, а кои денес ја продолжуваат традицијата на акцијаштвото

„Орук“, „Ние ја градиме пругата, пругата нè гради нас“ се зборовите и фразите што сè уште одѕвонуваат во ушите на некогашните учесници – бригадири на младинските работни акции, сега здружени во „Акцијаши Скопје“. Не може со зборови да се опише чувството да си дел од овие акции, тоа мора само да се доживее. Единство, сплотеност, другарство, тоа се зборовите со кои може да се поврзат овие работни акции. А за ударничките „ура“ и „орук“ и да не зборуваме. Собрани од сите југословенски републики, младите доброволно се вклучуваа во нив. Се градеа патишта, се пошумуваше. Се работеше со песна. Изморени и испотени од топлото сонце, бригадирите пиеја вода од канистри, а марендата беше можност за одмор и да се касне конзерва риба или месен нарезок со четврт леб

Е, токму Здружението за доброволна работа „Акцијаши Скопје“ сака оваа традиција на доброволна работа да им ја пренесе на младите.

Овој месец, ова здружение одбележува јубилеј – 10 години од своето формирање, успешно работење и реализирање програмски активности во општественото живеење во Градот Скопје и пошироко, пред сè, на полето на зачувување на животната средина.

По тој повод, на 14 февруари 2023 година, со почеток во 18 часот, во просториите на Здружението во клубот „Галеб“ на влезот во Општина Гази Баба ќе се одржи свечена академија.

Во рамките на одбележување на јубилејот  ќе се одржат и придружни активности, како што е акцијата за средување и уредување на дворот во пензионерскиот дом во Топанско Поле, каде што ќе бидат посадени и 10 зимзелени садници како симболика за десетгодишното постоење.

Членови на ова здружение се некогашни млади бригадири-акцијаши, кои во минатото изградија илјадници патишта, пруги, мостови, хидроцентрали, пошумија голем број планини, а кои денес ја продолжуваат традицијата на акцијаштвото.

Целта на ова здружение, како што вели Сашо Јовановски, потпретседател на здружението и генерален секретар на Сојузот на акцијаши на Република Македонија, е пренесување на традицијата на акцијаштвото и доброволното работно ангажирање на младата генерација, што успешно се спроведува веќе 10 години.

Јовановски вели дека започнале во 2010 година, кога се појавија првите социјални мрежи, но тогаш, како иницијативен одбор, паралелно и во соработка со акцијашите од сите поранешни југословенски републики.

– Во 2013 година, се создадоа услови и на 14 февруари таа година се формираше ова здружение. Вакво здружение пред нас имаа акцијашите во Охрид, кое беше формирано во 2012 година. Потоа се формираа вакви здруженија и во Куманово, во Велес, итн., додека во 2016 година се формираше Сојузот на акцијаши на Република Македонија, кој сега брои осум члена – објаснува Јовановски.   

Првата акција на ова здружение „Акцијаши Скопје“ била во Финскиот парк во населбата Ченто, на 25 мај 2013 година, каде што, покрај акцијашите ветерани, учествувале и голем број млади волонтери.

Втората поголема акција е одбележувањето на 50-годишнината од скопскиот земјотрес, на 26 јули 2013 година.

– Станува збор за четиридневна акција на која учествуваа акцијаши од сите поранешни југословенски простори, а во рамките на која беше поставена шаторска населба во Градскиот парк. При тоа, се одвиваа работни активности за расчистување на урнатините кај Старата железничка станица. Во овој контекст, морам да ги споменам и двете големи меѓународни акции во нашата република. Во 2015, тоа беше „ИПЕ КАМПЕКС“ во Визбегово и во 2017 година „МОДЕСТ“. Во 2016 година, заедно со акцијашите волонтери од Здружението „Акцијаши на Република Македонија“,  две недели учествувавме и во расчистувањето на последиците од поплавите во Стајковци и во Сингелиќ – набројува Јовановски.

Во 2017 година, учествувале и во акција во Пепелиште, на полигонот Криволак, во соработка и организација со Дирекцијата за спасување и кризи.

– Учествуваме со 40-мина волонтери и ветерани и млади акцијаши волонтери, а таа година учествувавме и на меѓународен камп во Охрид со акцијаши од сите југословенски простори – се сеќава Јовановски.

Тој додава дека во 2018 година, 55- годишнината од скопскиот земјотрес, јубилеите 75 години од првата акција во Маврово во 1958 година и 40 години од првата работна акција „Скопје 1978“ во Катланово биле одбележани со седумдневна работна доброволна акција на која учествувале 200 акцијаши од сите возрасти и сите краеви од Републиката и пошироко.

– Акцијашите беа сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда. Тие работеа  на расчистување и уредување на комплексот факултети во Општина Гази Баба, каде што се изгради и уреди првиот акцијашки парк пред црквата „Свети Арахангел Михаил“ – истакна Јовановски.

Се редат и други активности. Во услови на пандемија и заразната болест ковид- 19, акцијашите, иако со редуцирано членство, успеаја да остварат значајни резултати. Уредувани се дворови на средни и на основни училишта и на градинки, насадени се голем број садници, а и, две години по ред, реализирана е некогашната младинска активност по повод ослободувањето на Градот Скопје „По врвиците на Шеснаесеттата македонска бригада“ на падините на Скопска Црна Гора, на потегот од селата Чучер-Сандево до селото Кучевиште, каде што се евоцирани спомени за борците, кои ги дале животите во битките за ослободување на Скопје.

„Акцијаши Скопје“ помогнале и во реализацијата на проектот за ботаничка градина при Природно-математичкиот факултет за производство на здрава храна.

(А.П.)