Десетици милиони деца загрозени од болести кои можат да се превенираат со вакцина

121

Околу 80 милиони деца ширум светот би можеле да бидат изложени на ризик од болести што можат да се спречат со вакцинирање, како што се дифтерија, сипаници и детска парализа, затоа што рутинската имунизација е нарушена за време на пандемијата на Ковид-19, предупредуваат агенциите на ОН и Асоцијација за вакцинација на ГАВИ.

Пред глобалниот самит за вакцинирање, закажан за 4 јуни, Светската здравствена организација (СЗО), Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) и ГАВИ во заедничко соопштение истакнуваат дека податоците покажуваат дека обезбедувањето рутински услуги за имунизација е значително нарушено во најмалку 68 држави.

Според нив, тоа најверојатно, ќе влијае врз околу 80 милиони деца на возраст под една година кои живеат во тие држави.

Зад ваквото невидено нарушување на услугите на глобално ниво, „без пресдан“ откако проширени програми почнаа во 70-те години, се должат на патните ограничувања, одложувања во испораките на вакцини, неподготвеност на некои родители да заминат од дома поради страв од изложеност на коронавирусот и недостиг на здравствени работници.

– Не можеме да дозволиме борбата против една болест да биде на штета на долгорочниот напредок што е постигнат во нашата борба против другите болести, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

– Иако околностите може да бараат од нас привремено да запреме некои обиди за имунизација, овие имунизации мора да бидат продолжени што е можно поскоро или ќе ризикуваме да замениме една смртоносна епидемија со друга, истакна таа.

Извор:МИА