Депонијата Русино е канцер за Гостивар и треба да се затвори

243

Откако добија поддршка од градоначалникот Арбен Таравари и од сите советници, жители на Гостивар утре ќе се сретнат со министерот за животна средина, Насер Нуредини, и детално ќе го информираат за проблемот со загадувањето што веќе 20 години им го прави депонијата Русино 

 

Депонијата Русино е канцер за Гостивар и веднаш треба да се затвори. Секое решение кое ќе значи продолжување на функционирањето на оваа еколошка бомба ќе доведе до далекосежни последици по здравјето на луѓето.

Ова се пораките на револт кои ги упатуваат граѓаните на Гостивар до надлежните во државава, а кои конечно добија поддршка и од градоначалникот Арбен Таравари, но и од градските советници од сите политички партии.

На последниот од низата протести што претставници од граѓанската иницијатива „Стоп за Русино“ ги направија пред влезот во депонијата, ги повторија барањата Русино веднаш да се затвори и да се санира, а регионална депонија за жителите на овој дел од Полошкиот Регион да се направи на друга локација.

„Гостивар не го даваме, Русино ќе го затвориме, ако треба и со жив штит ќе го браниме“, но и „Погледнете нè, ние сме младината што остана во Гостивар, не дозволувајте да не избркаат и нас“, беа само дел од паролите напишани на транспарентите на македонски, албански и турски јазик.

– Повторно ја затворивме рампата кон Русино и за камионите со смет и од Гостивар, не само од другите градови. Испративме порака дека со жив штит ќе го браниме Русино ако треба – рече Билјана Дабеска, член на иницијативата „Стоп за Русино“.

Оттаму најавија дека за проблемот со загадувањето што веќе 20 години им го прави на гостиварци депонијата Русино, утре ќе разговараат со министерот за животна средина, Насер Нуредини. Пред некој ден Нуредини на прес-конференција изјави дека Русино треба да прерасне во регионална депонија со која ќе стопанисува јавно претпријатие и во неа, во наредните години треба да се депонира отпадот на девет околни општини. Дека работите оделе во таа насока, била најавата изминатиот петок на Седница на советот на општина Гостивар да се избере Управен одбор на претпријатието.

Дабеска посочи дека изминативе два месеца имале интензивни разговори со различни претставници што биле засегнати уште во минатото кога се правел Законот за регионални депонии, како и со претставници на Швајцарскиот проект и Полошкиот плански регион, кои исто така сакаат да го легализираат ѓубриштето.

– Истите тие инсистираа тука да остане депонија, но сите си дадоа автогол, кога уште во 2013 година кога го испитувале просторот на депонијата, увиделе дека останува многу малку таа да се исполни. Притоа предвиделе дека таа има капацитет да се фрла ѓубре уште 10 години, за да се затвори. Меѓутоа, сега сме 2020 година, зарем не го преполнивме тој капацитет, фрлајќи ѓубриште од сите 9 општини – прашува Дабеска.

Инаку, со Проектот за интегрирано управување со отпад што го иницираше Центарот за развој на Полошкиот плански регион, се предвидени сет на брзи мерки што треба да се имплементираат до крајот на годинава, а кои во голема мера ќе придонесат кон подобрување на состојбите со депонијата Русино.

И во проектот се предвидува Русино да прерасне во регионална санитарна депонија, а дотогаш до крајот на годинава да се спроведат брзите како што се изградба на систем за управување со исцедок со кој преку мрежа на насипи и ровови ќе се оневозможи доток на поројни води во депонираниот отпад, потоа ќе се оневозможи истекување на исцедокот надвор од локацијата, преку негово собирање и рециркулација назад во телото на отпадот, со што значително ќе се намали негативното влијание врз околината. Покрај ова, во рамките на брзите мерки се предвидува и инсталирање на вага со која точно ќе се утврдуваат количествата на отпад што пристигнуваат на локацијата.

Работата на регионалното претпријатие за управување со отпад ќе биде финансирана од сите општини во Полошкиот Регион и јавните и приватни компании за собирање на отпад преку наплата за депонирање на отпад. Депонирањето на отпадот ќе се наплаќа по тон, а за таа цел ќе се инсталира вага на влезот на депонијата Русино.

 (А.П.)