Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на глобална акција против неонацизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и говорот на омраза, за кои рече дека делумно се поттикнати од пандемија на коронавирусот.

Гутереш, исто така, апелираше на меѓународна акција „во борбата против пропагандата и дезинформациите“.

Генералниот секретар на ОН зборуваше за важноста на образованието, нагласувајќи дека скоро две третини од младите Американци не знаат дека шест милиони Евреи биле убиени во холокаустот.

Гутереш одржа виртуелен говор во пресрет на 76-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау.

Според него, „пандемијата продлабочи долгогодишни неправди и поделби“.

– Во Европа, САД и на други места, белите супрематисти организираат и регрутираат преку границите, истакнувајќи симболи на нацистите и нивните убиствени амбиции, рече Гутереш на церемонијата во синагогата во Њујорк по повод утрешниот Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот.

Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот ќе биде одбележан на 27 јануари, годишнината од ослободувањето на логорот Аушвиц-Биркенау во Полска. Овој ден е утврден на 1 ноември 2005 година со резолуција на Генералното собрание на ОН.