Дали Собранието ќе се одблокира и почне гласањето на законите и работата на комисиите ќе биде поизвесно по денешната средба на премиерот Зоран Заев со албанскиот опозициски блок. Кои опции се ставени на маса и што е прифатливо за Алијанса и Алтернатива да ги повлечат илјадниците амандмани, ќе се знае по утрешната, втора средба на која ќе се отвори проблемот со стекнување на македонско државјанство. До конечниот договор, се чини дека остануваат забетонирани позициите на албанскиот опозициски блок, а со тоа и натаму е блокирано донесувањето на стотици важни закони, меѓу кои е и носењето на петтиот сет на мерки за помош на граѓаните и стопанството во ковид-кризата.

Двете страни на средбата одат со оптимизам за постигнување на заедничко решение. Она што досега се знае е дека нема да се разгледува предлогот на Алијанса/Алтернатива за државјанство со тројца сведоци. Премиерот Зоран Заев на состанокот со Зијадин Села и Африм Гаши, според последните информации, ќе понуди решавање на статусот согласно измените на Законот од 2004 година, со кој статус на граѓанин на Македонија се добива по исполнување на еден од 15-те потребни критериуми. Кои се тие критериуми, Заев вели дека ќе бидат познати во понеделник.

Потсетувајќи на аферата со фалсификувани пасоши, албанската опозиција прашува зошто ДУИ, која сите овие години е во МВР, молчи за издавањето лажни пасоши на странски државјани, додека лица што со години живеат во земјава не можат да добијат државјанство.

„За коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е помалку важно дали пасошите се издадени во времето на СДСМ, како што вели Мицкоски, или во времето на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Заев. Но една работа е сигурна – дека ДУИ беше таму цело време за да им овозможи издавање пасоши на криминалците додека Албанците ги остави без државјанство“, велат од Алијанса за Албанците.

Алијанса за Албанците и Алтернатива апелираат до меѓународниот фактор, ЕУ, НАТО и САД, да извршат притисок врз владините структури, борбата против криминалот и корупцијата и недозволената трговија со наркотични средства да почне од главните во полицијата, обвинителството и судството. Според опозициската коалиција, поддршката и заштитата на бандите доаѓа токму од одредени лица од сегашната влада.

„МВР полесно ги снабдува криминалците со пасоши, бидејќи тие плаќаат со огромни суми пари, отколку своите граѓани кои ги исполнуваат критериумите за добивање на државјанство. Јасно се гледа дека во нашето судство имаме судии и обвинители кои се во служба на бандите, чии пари пристигнале до џебовите на судиите и обвинителите. Истовремено, во одредени полициски структури имаме лица кои за големи суми пари го штитат криминалот, корупцијата и трговијата со наркотични средства, бидејќи ги имаат своите интереси и ги оправдуваат ‘платите’ што ги добиваат од лицата вклучени во криминални дејствија“, велат од Алијанса за Албанците.

По исходот од утрешната средба ќе биде познато како во иднина ќе постапува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која изрази подготвеност да ги повлечат амандманите за законот за државјанство, со цел да се овозможи непречено работење на Собранието.     (Ј.Ц.Г.)

 

Села: Нашата блокада за мерките за помош може да трае само три дена, ама изгледа власта нема пари за да ги донесе

 

Голема лага е дека ние го блокираме петтиот сет на мерки за помош на граѓаните и стопанството во ковид-кризата условувајќи го со Законот за државјанство, вели Зијадин Села во интервјуто за Радио Слободна Европа.

-Не го блокираме, ние сме поднеле амандмани, но која е матичната комисија која дебатира околу оваа работа, бидејќи дојде време еве да ја кажам вистината за оваа тема. Тоа е Комисијата за финансирање и буџет, а таму, исто како и во Комисијата за европски прашања, можеш да имаш и 100 илјади амандмани, дебатата во оваа комисија трае три дена. Кажете ми колку денови и недели се дебатира оваа работа дека ние сме го блокирале петтиот сет на економски мерки кој треба да им помогне на граѓаните. Цел месец се кажува оваа лага и невистина пред граѓаните.
Овие луѓе за кои јас зборувам, овие граѓани 30 години не земаат никаква плата, тие немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците. И овие се граѓани. И тие живеат во уште потешки услови од овие други категории граѓани.
Лага е тоа дека ние сме го блокирале законот за петтиот сет мерки, бидејќи ние колку и да сакаме да блокираме, тоа важи три дена. Сите други амандмани, три дена откако ќе биде блокирано, односно ќе се дебатира за амандманите, сите други кои ќе останат недебатирани се фрлаат и може да си продолжат да ја дадат таа помош на граѓаните. Ама по сè изгледа дека овие можеби немаат пари, па ајде да најдеме изговор во оваа работа која ја прават Алијанса за Албанците и Алтернатива. Тоа е лага. Лага која цел месец се кажува по прес-конференции, а треба да им се извинат на граѓаните што си играат со нивната тешка состојба, објаснува Села.