Во Гевгелија (хотел „Аполонија“) сè е подготвено за почеток на финалето на Светското првенство во матч покер, кое ќе се одржува од денеска до 27 мај и на кое ќе учествуваат 14 репрезентации со 120 натпреварувачи.

Покрај Македонија, на овој шампионат ќе настапат и репрезентациите на Естонија, Германија, Исланд, Индија, Израел, Италија, Казахстан, Литванија, Монголија, Сингапур, Швајцарија, Австрија и на Украина.

Како што веќе најави весникот ВЕЧЕР, ова е големо признание за Македонија и за Македонската покер федерација (МПФ), која упорно лобираше нашата држава да биде домаќин на едно големо натпреварување, како што се Европското или Светското првенство во овој, веќе пет години, мисловен спорт.

Претседателот на Македонската покер федерација, Мајк Поп Гонов, нè информираше дека официјалната церемонија на отворањето ќе се одржи вечерва во 20 часот. Прво учесниците на првенството ќе продефилираат до градскиот плоштад, каде што ќе биде организирана забавна програма.

Во програмата, која ќе ја водат познатата лото-девојка Марјана Станојковска и спортскиот новинар Горан Милковски, предвидено е да настапат фолклорните друштва „Мегдан“ од Богданци“ и „Бојмија“ од Гевгелија, кои ќе го презентираат богатството на македонската фолклорна традиција.

По нив, пред гевгеличани ќе настапи првиот македонски поп-идол, гевгеличанецот Иван Раденов, заедно со Наталија Данаилова, кој специјално за оваа пригода ќе дојде со својот бенд од Белград, каде што живее и работи последниве неколку години. Близнаците од „Некст тајм“ ќе го затворат музичкиот дел со избор од своите најпопуларни песни.

Инаку, според распоредот, Светското првенство ќе го означат за отворено градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, претседателот на Светската покер федерација, Патрик Нели и капитените на репрезентациите, учесници.

Македонија по успешните квалификации минатата година првпат ќе учествува на Светското првенство и нескриена е желбата кај нашите играчи за освојување на медал.